Професорката Радмила Шалиќ Макреска за ММС открива дека во Македонија има шест зони со релативно висока сеизмичка опасност но дека граѓаните не треба да се плашат од катастрофа и повторување на она што се случи во Скопје во Јули 1963 година.
„Поважно е колку се безбедни градбите отколку дали утре ќе има земјотрес“, вели за ММС Радмила Шалиќ Макреска, проф. д-р по земјотресно инженерство.
-Ние имаме прописи за проектирање уште од 1948 година, кои со текот на времето се менувани и унапредувани. Во моментов во Македонија веќе четврта година имаме паралелна примена на два прописи. Едниот е Југословенски пропис од 1981 година, а дригиот е Европски пропис за проектирање. Тоа значи дека по Закон во моментов нашите згради можат да се проектираат по еден од овие два прописа. Сеизмичките параметри кои се земаат во проектирањето зависат од зоната во која се гради објектот. Во Македонија постојат пет зони со различно ниво на сеизмичка опасност. Според најновите карти изработени од нашиот Институт, зоните околу Скопје, Дебар, Охрид, Пехчево – граница со Бугарија и Валандово се зони со релативно висока сеизмичка опасност, објаснува професорката за ММС.
Шалиќ Макреска вели дека не може земјотресот да се предвиди со голема точност затоа што едноставно не постојат доволно веродостојни податоци за тоа, поаѓајки од фактот што земјотресите како појава се многу ретки и сложени процеси.
-Сеизмологијата е една од најмладите науки, а зборуваме за процеси кои се повторуваат на 500, на 1000 години, за кои ние немаме сознанија. Тоа се процеси кои дирекно зависат од сложените тектонски движења на планетата Земја. Тоа се исклучително комплексни процеси и не е едноставно во научна смисла да се направи предвидување. Има секако обиди од разни групи на научници во Јапонија, во Кина, САД, но и покрај сите напори сеуште не може со сигурност да се потврди дека има некој значителен напредок во оваа смисла. Постојат само долгорочни предвидувања и прогнози кои се базираат доминантно на статистички податоци, посочува Шалиќ Макреска.
Детално на ММС
Фото ММС






