Нетанјаху вели дека МКС нема да го спречи да ја продолжи војната

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот изјави дека налогот за апсење издаден од страна на Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради неговото однесување во војната во Газа нема да го спречи да го брани Израел, пренесува АФП.



„Ниту една срамотна анти-израелска одлука нема да не спречи – и нема да ме спречи – да продолжиме да ја браниме нашата земја на кој било начин“, рече Нетанјаху во видео изјавата. Нема да попуштиме под притисок, вети тој.

Премиерот беше обвинет заедно со неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за „воени злосторства“ и „злосторства против човештвото“ за акциите на Израел во Газа.

Тој ја опиша одлуката на МКС како „црн ден во историјата на народите“.

„Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој беше создаден за да го заштити човештвото, денес стана непријател на човештвото“, рече тој, додавајќи дека обвиненијата се „целосно неосновани“.

Судот објави дека има „разумни основи“ дека Нетанјаху и Галант се „криминално одговорни“ за военото злосторство гладување како метод на водење војна, како и за злосторства против човештвото како што се убиства, прогон и други нехумани дејствија.