Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски би ги извадил етничката припадност и вероисповедта од пописниот материјал, а на пописот во 2020 година би оставил само поле во кое граѓаните би се изјаснувале за нивниот мајчин јазик. Во интервју за БИРН Симовски вели дека полето за „етничка припадност“ воопшто и не треба да биде дел од пописниот материјал, како што било и во многу други држави.
„Од статистичка гледна точка, етничката припадност и вероисповедта не играат никаква улога, бидејќи тоа се менливи категории и јас ќе се залагам овие две работи да не бидат дел од претстојниот попис, туку единствено делот за мајчиниот јазик на лицата кои ќе бидат попишувани. Јазикот што се зборува во семејството е задолжителна категорија и таа секако ќе ја регистрираме. Јазикот, пред сѐ, е потребен заради планирање на образованието“, вели Симовски.
Според директорот на ДЗС дел од пописот треба да бидат и лицата кои не живеат во земјава, за да се добие слика за бројот на иселеници. Тоа е потребно бидејќи никој точно не знае колку лица се иселени од земјава, вели Симовски и предупредува дека резултатите секако нема да бидат убави односно дека постои навистина голема иселување од Македонија, што е реалност со која мора да се соочиме. Вели дека доколку пописот се случел во 2011 година, Македонија можеби ќе имала три милиони жители, но во 2020 најверојатно ќе има помалку од два. За Симовски не е толку важно колку Албанци и колку Македонци живеат во земјата, туку побитни се другите аспекти.
„Не е важно само да се преброиме колку население имаме. Многу е важно да направиме целосна слика на населението, на која возраст е, со какво образование, со какви квалификации, место на живеење и сл. Тоа ќе му помогне и на секој инвеститор што сака да почне свој бизнис во земјава, да знае точно со каква работна сила располага и каде му е исплатливо да отвори свое производство. Освен тоа, на локалните власти ќе им се помогне да го планираат развојот, да го планираат бројот на ученици, да го знаат капацитетот на производство во тој регион и сл. Ќе се знае и колкав пазар има и каде. Тоа може да се добие само со попис“, вели Симовски.
Директорот на Државниот завод за статистика вели дека нема да прифати никакви политички притисоци во делот на обработката на податоците и децидно тврди работата ќе ја завршат стручни и квалификувани лица.




