
По повод 1.000 дена од почетокот на руската агресија врз Украина, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Украина може да биде сигурна дека европската и западната поддршка ќе продолжат со 50 милијарди евра од ЕУ до 2027 година и уште 50 милијарди долари од земјите од Г7 и од Унијата до 2026 година.
„Пред 1.000 дена Русија се обиде да ја избрише Украина од мапата. По 1.000 дена Русија не успеа во тоа поради отпорот на Украина и поради жртвата на Вашите херои. Денеска е ден на жалост, но и ден на ветување. Ветуваме дека ќе останеме покрај вас, онолку долго колку што треба“ истакна Фон дер Лајен во видео пораката по повод „1.000 дена украински отпор“.
Таа потсети на одлуката на ЕУ за користење на приходите од замрзнатите руски средства за поддршка на одбранбеното производство во Украина и за поправка на украинската енергетска инфраструктура пред почетокот на зимата.
„Русија треба да плати за 1.000 дена злосторства и уништување“, изјави Фон дер Лајен.





