Песков: Напад врз Русија со американски ракети ќе биде американски, а не украиннски

Кремљ смет дека одлуката на САД да ѝ дозволи на Украина да користи американско оружје за напади длабоко во Русија ќе ги ескалира тензиите и ќе ги вовлече САД подлабоко во конфликтот.



„Доколку проектилите испорачани од САД бидат истрелани длабоко во Русија, Москва ќе го сфати нападот не за украински, туку – за американски“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Одлучувачкиот потег на американскиот претседател во заминување Џо Бајден претставува еден од најпровокативните и најневнимателните чекори на неговата администрација, што носи ризик од катастрофални последици“, објави рускиот државен весник „Росискаја газета“.

Рускиот пратеник Леонид Слуцки, лидер на про-Кремљ Либерално-демократската партија, предвиде дека одлуката „неизбежно ќе доведе до сериозна ескалација, заканувајќи се со сериозни последици“.

Рускиот сенатор Владимир Џабаров го нарече овој потег „чекор без преседан кон Третата светска војна“.

Таблоидот „Комсомолскаја Правда“, пријателски настроен кон Кремљ, одлуката ја нарече „предвидлива ескалација“. Но, она што навистина е важно е како Владимир Путин ќе го опише овој потег и како ќе одговори на него. Досега тој молчеше, пишува Би-Би-Си.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите: „Доколку се донесе таква одлука, тоа значи сосема нова спирала на тензии и сосема нова ситуација во однос на вмешаноста на САД во овој конфликт“.

Песков ја обвини администрацијата на Бајден дека „долева масло на огнот и продолжува да ги разгорува тензиите околу овој конфликт“.