Според дневниот ред, што го објавија владите на Македонија и на Косово, по официјалната церемонија и заедничката фотографија, предвидено е денес пред почетокот на меѓувладината седница во Приштина, односно од 11:20 часот, да се одржи лице-в-лице средба меѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и косовскиот премиер Албин Курти. Предвидени се средби лице-в-лице и меѓу министрите на двете влади. По завршување на меѓувладината седница ќе се потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка на повеќе полиња.
Првиот е Меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини, во кој се одредуваат иницијативи за соработка во енергетиката, за гас, јаглен, електрична енергија и на важни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и за поттикнување соработка за испитување на можноста за развивање нова директна врска за гас Косово-Македонија. Вториот е информација за склучување Протокол меѓу двете влади за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Генерал Јанковиќ“ и „Јажинце – Глобочица“. Со овој протокол се уредуваат начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебното поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ, кој ќе се потпише, е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно, заради кревање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително и размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.
Во 13:45 часот ќе биде одржана заедничка прес-конференција на претседателот на Владата на Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Косово Курти.





