„Крвавата Македонска свадба“ во Зеленич, Леринско – колежот на 13 македонски мажи, деца и жени од грчките андарти на 13.11.1904

„На денешен ден, на 13 ноември во 1904 година се случил масакрот во македонското село село Зеленич, во Леринско, во Егејскиот дел на Македонија – едно од дотогаш најголемите злосторства, што ги извршиле грчките андарти во Македонија. Андартите претставуваат грчки герилски паравоени оружени формации. На 13 ноември 1904 година околу 60 до 100-тина андарти во екот на свадбената прослава на свештеникот Георгија го нападнале селото Зеленич во знак на одмазда затоа што егзархиските верници се откажале од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Биле ликвидирани 13 Македонци –  мажи, жени и деца. Овој чин, како еден од актите во низата на грчкиот геноцид врз македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија, во историографијата се означува и како „Крвавата Зеленичка свадба“. – пишува „Македонска нација“ во своја статија од 22 јуни 201 година



Околу овој крвав настан, но и за тоа кои биле грчките андарти, на „Википедија“ пишува: Зеленичкиот масакр  уследил еден месец по смртта на Павлос Мелас, што се смета и за причина да се изврши ова одмазничко дело, а конкретен повод била свадбата на внуката на егзархискиот поп во селото. Павлос Мелас бил грчки офицер, еден од првите раководители на грчката вооружена пропаганда во Македонија. Мелас бил член на „Македонскиот комитет“ („Елиномакедонскиот комитет“), кој имал за цел засилување на грчката идеја меѓу населението во Македонија и создавање услови за присоединување поголем дел од Македонија кон грчката држава. Павлос Мелас бил учесник во „Борбата за Македонија“ и денес се смета како национален херој на Грција. Бил ликвидиран од Македонската револуционерна организација на 13 октомври 1904 година.

Во спомената статија на „Македонска нација“ натаму се наведува: Во македонската историја периодот именуван како грчка „Македонска борба“ го означува временскиот интервал од 1904 до 1908 година. Тоа е период непосредно по завршувањето на Илинденското востание (1903), по кое грчката држава одлучила вооружено, со паравоени формации – андарти да интервенира во делови на османлиската државна територија. Всушност, тоа била грчка борба за освојување на „душите“’ на македонското население, но имала и геноциден карактер врз македонското население. Борбата произлегла и се водела од страна на грчката држава, со грчко оружје и пари, со грчки наемници и неформална османлиска согласност, но и помош.

Целта на оваа вооружена интервенција, која во најголема мерка била насочена кон Македонската револуционерна организација и дел од христијанското македонско население, произлегувала од познатата Мегали идеја. Немајќи доминантно грчко население во Македонија, официјална Атина се одлучила со насилство и оружје да го принуди македонското христијанско население да остане, или да се врати во редовите на Цариградската Патријаршија. Припадноста и лoјалноста кон Вселенската патријаршија бил еден од критериумите во тоа време, врз кој се одредувал грчкиот национален идентитет.

Грчките компетентни институции и личности сметале дека грчкиот јазикот не можело да се користи како аргумент во полза на националната доктрина – македонското население да се прикаже како грчко – и покрај огромниот образовен кадар и пропаганда, а се со цел да се всади грчкиот јазик во македонскиот дом. Решено било дека стравот, кој бил производ на оруженото насилство и сила, ќе влијае позитивно во градењето грчка национална свест меѓу македонското селско население. Тргнувајќи од логиката дека стравот имал клучна улога во тој период врз градењето на грчкиот идентитет меѓу македонското население, врз него биле извршени најразлични видови на терор, насилства, убиства, мачење, сето тоа во служба на грчката национална идеологија. Од многубројните злосторства извршени врз македонскиот народ од страна на т.н. ’Македономахи’ (најголемиот дел пристигнати од Крит) во тој период, најпознати се секако ’Зеленичката крвава свадба“ и „Колежот во Загоричани“.

„Колежот во Загоричани“ се случил во селото. Загоричани, Костурско, на 25 март 1905 година, токму на 25 март, националниот празник на грчката држава. Тој ден во селото влегле околу 200 ’Македономахи’ („Македонски борци“  – „Борци за Македонија’) на чело со капетанот Георгиос Цонтос-Вардас. Загоричани преставувало „трн во око“ за грчката пропаганда во Македонија, Грците сакале да ги казнат жителите на селото за нивното масовно учество во Илинденското востание, но и да ја уништата силната база на ВМРО, која постоела во селото. Во непоимливите ужаси биле заклани, масакрирани околу 80 македонски селани, а биле запалени и голем број на куќи.

Слично вакво злосторство врз македонското население, за кое во споредба со претходните две малку е пишувано, се случило во селото Горно Неволјани, Леринско. Селото се наоѓа околу 10 км. јужно од Лерин, во пазувите на Неретската планина. На почетокот од XX век Горно Неволјани имало околу 1 500 жители, од кои околу 1 200 биле Македонци, а другите 300 Турци (според некои податоци можно е да станува збор за турцизирани Албанци). Нападот на селото се случил кон крајот на октомври 1905 година. Акцијата ја предводел критјанинот Ефтимијос Каудис со својата андартска чета.

Денот кога бил извршен нападот во селото се правеле три свадби. Со помошта на Коте, случаен минувач и жител на селото, андартите успеале да ја лоцираат поставената цел. Според тогашниот грчки весник СКРИП, кој ја пренел информацијата, нападната била куќата на Георги Ганев. Набрзо уследил нападот: најпрвин била запалена куќата, а додека луѓето во паника ја напуштале андартите убивале се пред себе. Убиени биле околу 15 селани, а повеќемина биле повредени. Обидувајќи се да се спаси, невестата скокнала преку еден од прозорите во куќата, но паднала и си ги скршила двете нозе. На таков начин завршила и оваа, втора по ред, „Крвава Македонска свадба“ за неполна една година.