Главниот град на Република Македонија Скопје ја одбележува денес, на 13 ноември 2024 година, 80-годишнината од своето ослободување од германските и бугарските фашистички окупатори, на кои им помагале и албанските балистички оружени формации. Пред 80 години, на овој ден скопјани ја дочекаа слободата, која им ја донесоа 42. и 50. народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор. Во борбите за ослободување на Скопје загинаа 426 македонски борци, кои никогаш нема да бидат заборавени.
Скопје е ослободено без артилерија, со пешадија и улични борби, кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници!
За овие славни и историски мигови од поновата македонска национална историја во статијата „Ослободување на Скопје“ на Википедија и во статијата „Скопје, престолнината на Македонија, е ослободено“ од 13.11.2020 година на весникот „Нова Македонија“ пишува: Жителите на Скопје биле сведоци на уличните борби, кои се воделе на улицата „Илинденска“, кај главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и кај Старата железничка станица. Македонските борци ја спасиле хидроцентралата „Матка“ од минирање и разурнување, како и повеќе други објекти, кои биле од животно значење, а невооружени цивили со својот живот го бранеле Камениот мост од разурнување. Битката за ослободување на Скопје претставувала многу сложена операција. Тоа било извршено без употреба на артилерија, со пешадија и улични борби, кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници. Во борбите за Скопје биле заробени биле голем број Германци и нивното вооружување : топови од разни калибри, митралези и најразновидна техника.
Жестоки судири со Германците и албанските балисти
Претходно во Качаничката Клисура дејствувала Шеснаесеттата македонска ударна бригада, која секојдневно била во судир со балистите и Германците на комуникацијата Скопје – Качаник. Германците ги имале минирано сите значајни објекти во Скопје, меѓу кои и зградата на Железничката станица, Народната банка, учителската школа и неколку други згради крај кејот на Вардар, вклучувајќи ги и сите мостови во градот. Првите борби за конечно ослободување на Скопје започнале утрото на 12 ноември 1944 година во градот на неговата јужна страна.
Овие напади ги извршила 42-рата македонска дивизија, а напоредно со неа од правецот на Кисела Вода со силен напад влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратегиски важни згради и потиснувајќи ги Германците, кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Истиот ден, на 12 ноември, македонските борци биле стигнати до самите згради крај кејот на Вардар. Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада ја блокирале железничката станица и отпочнале борба за самата зграда како и за Кранговата палата, која се наоѓала во нејзина близина). Главнината на Дванаесеттата македонска ударна бригада ги нападнала зградите на Учителската школа и Поштата. Дел од Дванаесеттата бригада се упатил кон денешната населба Ѓорче Петров, тогашно Ханриево. Во овие улични борби значајна улога одиграла скопската младина која веднаш странично ги нападнала сите утврдени германски позиции и ги водела македонските борци до сите за нив добро познати германски упоришта низ градот.
Напоредно со нив на 11 и 12 ноември Шеснаесеттата македoнска ударна бригада, ги нападнала албанските балистички групи на Скопска Црна Гора, а во попладневните часови веќе ги напаѓале касарните во кои биле сместени германските војски. Германските сили кои биле стационирани во северниот и северно-источниот дел на градот успеале да се извлечат од градот и да се упатат кон кон Качаничката Клисура. Најсилни упоришта на Германците останале Учителската школа и Поштата, кои доцна во ноќта на 13 ноември биле заземени од страна на македонските борци. Во учителската школа биле заробени 86 германски војници. Целата ноќ од 13 кон 14 ноември како и целиот 14 ноември вршени се чистки на целиот терен од преостанати германски единици. Битката за Скопје, била извршена со голем успех, бидејќи биле спасени и повеќето мостови во градот, но сепак германските единици успеале да ги урнат железничките мостови во Скопје и Ханриево (денешна населба Ѓорче Петров) и едно крило од зградата на Железничката станица. Успешно биле обезбедени зградите, кои биле веќе минирани.
Битката за ХЕ Матка
Еден баталјон од Дванаесеттата македонска ударна бригада по заземањето на Бел Камен, продолжила да води жестоки битки во реонот на селото Матка, каде што германските инженерски единици имале план да ја минираат и разурнат браната Матка. Со огромна пожртвуваност борците на оваа бригада, потпомогнати од месното население успеале да ги разбијат албанските балисти и Германци, а со тоа ја обезбедиле ХЕ „Матка“, како и градот Скопје. Во овие борби кај ХЕ „Матка“ загинале: Никола Георгиевски, Никола Јаневски, Драгољуб Анчевски, Драган Јакимовски, Николо Маладини, Иван Колосенко, Бранко Тодоровски, Александар Спасовски, Александар Костадиновски, Илјаз Салиев и Васил Калановски. Во нивна чест е изграден споменик кој се посетува на 9 мај-денот на победата над фашизмот. На овој ден покрај македонската делегација свежо цвеќе положува и руска делегација, оддавајќи почит кон македонските борци, но и кон нивниот сограѓанин Иван Колосенко, кој загинал во тие битки.
14 ноември 1944 година
Откако Скопје било заземено од македонските партизани, утрото на 14 ноември продолжени се чистките на непријателот. 42-рата дивизија на Шеснаесеттата македонска ударна бригада се вдала во потера кон последните германски сили, кои се повлекувале во правецот Скопје-Качаник, а друга бригада по долината на Вардар кон Хромовите рудници на Радуша. Додека 50та дивизија ги гонела кон правецот Скопје-Групчин-Тетово. Најжестоки судири на 14 ноември се одиграле на линијата на селата Орман, Ново Село, Оризари, Глумово и Матка. На овие позиции албанските балисти заедно со Германците извршиле неколку противнапади. Македонската војска успеала да ги издржи сите нивни напади и да продолжи да ги протерува во правците кон Качаник и Тетово.
Во борбите за Скопје загинале 426 борци, од кои 8 жени, а 418 мажи. Бројот на цивилните жртви не е претставен во оваа бројка. Се смета дека последните стрелани скопјани се деветтемина стрелани во близина на Камениот мост од страна на германскиот окупатор: Драган Јакимов, Дончо Андонов, Јордан Јакимов, Перо Јовановиќ, Пантелеј Давчев, Перо Червеников, Светислав Ѓуриќ, Фоки Владимиров и Христо Караџа. Во нивна чест е подигнат и споменик во близина на Камениот мост во Скопје.





