Кога зборуваме за гиганти во македонската индустрија, не ги гледаме само нивните чисти добивки, туку пред се приходите што ги остваруваат од основната дејност. Приходите од оперативното работење, или подобро речено од кор бизнисот на одредено акционерско друштво, најдобро говорат колку е тоа моќно и стабилно, и колку е перспективна дејноста со која тоа се занимава. Но, тоа не значи дека и конечните добивки не се битни показатели, објави Фактор.
Да не должиме многу, станува збор за македонскиот нафтен гигант „Макпетрол“, кој за првите девет месеци од годинава оствари оперативни приходи од над 377 милиони евра, или прецизно 377,2 милиони. Чистиот профит, пак, е одлични 13 милиони евра за трите квартали, бележејќи и солиден пораст од 18 проценти. Резултат за почит на една компанија која и во не толку фантастични економски прилики во светот и државава, успева да работи екстра успешно.
Во однос на истиот период од минатата година оперативните приходи се зголемени за 2 проценти, говори Билансот на успех на компанијата, што укажува дека станува збор за стабилна приходна страна подолг период наназад.

Најголемиот дел од приходите, или 375 милиони евра, се всушност приходи од продажбата, а од нив пак, најзначајната сума отпаѓа на приходи од продажбата остварени на домашниот пазар, и тоа на износ од 369 милиони евр, што е зголемување за 4 проценти во однос на истиот период од минатата година.
Остварени се солидни приходи и на странските пазари, и тоа 5,5 милиони евра, но впечатливо е дека кај овој не толку значаен прилив има намалување за 47 проценти. Компанијата затоа, пак, има пораст и одличен прилив од ставката останати оперативни приходи, од која се остварени 2,3 милиони евра, што е пораст за 3 отсто во однос на споредбениот период лани.
Што имаме на расходната страна? Оперативните расходи тежеле 365 милиони евра, или 2 отсто повеќе во однос на истиот период на минатата година. Најголема ставка секако дека се трошоците за набавка на нафтените деривати, односно набавната вредност на трговските стоки, кои тежеле 324 милиони евра, и кај нив порастот е за 1 отсто.
Трошоците, пак, за суровини и други материјали во извештајниот период изнесувале 2,9 милиони евра, и кај нив има значајно намалување за 7 проценти. Поголема ставка, пак, биле услугите со карактер на материјални трошоци, достигнувајќи близу 10 милиони евра, и растејќи за 5 отсто во однос на истиот период од минатата година. Повеќе на Фактор.мк.





