Отворена порака на Авзиу до Ахмети: Да ги освежиме редовите на ДУИ! – Да работиме за интересот на сите, а не на одредени поединци!

„Да ги освежиме првите редови на ДУИ! Зошто поранешните функционери, пратеници, функционери од 2002 година наваму инсистираат да бидат во првите редови на средбите со народот?! Да ги тргнеме настрана своите ега, хирови, паранои и предрасуди и да работиме за општиот интерес на сите, а не за личните интереси и личните ега на одредени поединци!“ – отворено му порача преку својот фејсбук-профил Адем Авзиу на својот партиски шеф Али Ахмети. Адем Авзиу е поранешен државен секретар во Министерство за информатичко општество и администрација, поранешен генерален директор на „Елем турс“ од Скопје и поранешен директор на Скијачко-туристичкиот центар „Попова Шапка“.



Авзиу му порачува на лидерот на ДУИ Али Ахмети: Дојде време барем на средбите со народот да се освежат првите редови! Претседателот Ахмети заедно со потесното раководство, со секретарот и потпретседателите на партијата одржуваат средби со цел да разговараат со народот, да го чујат народот, а не оние поединци, кои ги слушаат од 2002 година. Ова не го велам само јас, туку и секој член на нашата партија, секој што го среќаваме во секојдневието, во кафулињата, на улица, на секоја средба. Вака вели секој член на ДУИ!

Не можам да разберам зошто поранешните функционери, пратеници, функционери од 2002 година наваму инсистираат по секоја цена да седат во првите редови на средбите со народот, повеќе од еден обичен граѓанин, од еден човек-глава на семејство, или од една наша мајка, или сестра. Не ми е јасно зошто не се чувствуваат пријатно во третиот ред, среде народот, затоа што, всушност, тоа е и целта на претседателот: да бидеме блиску до народот, а не да го оставаме зад својот грб!

Претседателе Ахмети, можете да кажете што сакате, можете да ме пцуете да ми просудувате однапред, но ова е вистината, што ја кажуваме секој ден, а ја кажувате и вие. Затоа, пред да пцуете и да просудувате, да размислиме и да ги тргнеме настрана своите ега, хирови, паранои и предрасуди и да работиме за општиот интерес на сите, а не за личните интереси и личните ега на одредени поединци.