„Судбината на родната земја од поодамна е горчлива и трагична, а животот на народот преполн со пеколни патила и страданија, но никогаш како сега. Излез од ова ние наоѓаме во непомирлива борба – борба со еднаква жестина, како против султанскиот тирански режим, така и против врховизмот.“ – кажал Добри Даскалов, прочуениот македонски војвода од илинденскиот период, еден од водечките револуционери и предводници на македонскиот народ од Тиквешкиот крај во борбата за ослободување од долговековното турско ропство. Даскалов е роден на денешен ден, на 13 ноември во 1882 година во Кавадарци. Оваа 142-ра годишнина од неговото раѓање е соодветен повод за ново навраќање кон личноста и револуционерното дело на овој истакнат македонски национален деец во борбата против турското ропство и бугарскиот врховизам за слободата на Македонија и на македонскиот народ, за остварувањето на стремежите за своја самостојна македонска држава според лозунгот „Македонија на Македонците“.
„Нашата борба е борба на целиот наш народ. Таа ја расчистува темнината и носи светол сончев ден – слободата…“ – порачал уште во своето време војводата Даскалов за патот, што треба да го изврви македонскиот народ до сончевите мигови на неговата слобода. Но, тој и предупредил дека сонот за слободата не треба да остане само празна мечта, туку и да се претвори во јаве преку сопствените усилби и борби. „Народот се бори за своја слобода, што ја сонува со векови…“
Во оваа смисла, Даскалов ќе каже една своја мисла, која е уште еден негов своевиден повик до секое македонско поколение да не се плаши од смртта, од ништо и од никого, пред никакви искушенија и опасности во борбата за извојување и за зачувување на својата национална слобода и за правото да живее слободен живот: „Ние секогаш имаме предност пред аскерот и полицијата, зашто доброволно го жртвуваме животот за слобода. Тие се платени, ним им се мили парите и животот. Тие стравуваат од смртта и се плашат од борбата. Оваа предност треба да се искористи…“
Добри Даскалов е роден е во Кавадарци на 13 ноември 1822 година во свештеничко протестантско семејство. Неговиот татко бил свештеник, образован, културен и напреден човек, кој отворено ги прифатил револуционерните идеи на македонската револуционерна организација. Во Самоков, во Бугарија Добри Даскалов ја започнува својата револуционерна дејност и станува член на револуционерниот кружок „Трајко Китинчев“. Во април 1901 година, со само 19 години Даскалов станува член на револуционерната чета на „Пиринскиот цар“ Јане Сандански. Зема непосредно учество во грабнувањето на мисионерката Елен Стон, со која протестантското семејство Даскалови имало од порано добри пријателски и деловни врски.
Во мај 1902 година во Софија Добри Даскалов имал многу срдечна средба со идеологот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Оваа средба многу силно влијаела врз неговата решителност да истрае во спроведувањето на револуционерното дело. Во пролетта 1904 година Даскалов влегува во Тиквешијата на чело на една добро опремена и обучена чета. Тој е именуван од Околискиот Комитет како тиквешки околиски војвода. Во почетокот на мај 1904 војводата Добри Даскалов како делегат од Тиквешијата, заедно со Пешо Самарџиев, учествуваат на Прилепскиот подвижен конгрес на ТМОРО.
Во август 1905 година здружените чети на војводите Добри Даскалов и Пешо Самарџиев водат голема борба кај месноста „Трника“ во близина на селото Мрежичко, во која успеваат да ѝ нанесат големи загуби на турската војска. Во текот на 1906 и 1907 година со својата чета води енергична и жестока борба за чистење на Тиквешијата и Кожуф од присуството на врховистичките чети и емисари. Откако се уверуваат дека војнички не ќе можат да ги скршат и да ги победат врховистите, се обидуваат тоа да го сторат по пат на преговори. Меѓутоа, во преговорите јасно им ставил до знаење на врховистите дека е против поделбата на Македонија и оти се залага за принципот „Македонија на Македонците“.
Во 1909 година Добри Даскалов е еден од основачите на Народната Федеративна партија во Кавадарци. На основачкиот конгрес во Солун тој е избран како член на Извршниот одбор. Меѓутоа, по една година по основачкиот конгрес, кон крајот на 1910 година младотурскиот режим ја забранува работата на Народната Федеративна партија.
Само една година по убиството на прочуениот тиквешки војвода Лазо Ридов-Асијата на 20 јуни 1912 година Кавадарци го потресува и убиството на долгогодишниот тиквешки околиски војвода Добри Даскалов пред портата на неговата семејна куќа додека во рацете ја држел својата деветмесечна ќерка Невенка. Крсто Ристов Кимов од селото Грвавец го убил Даскалов по налог на прилепскиот војвода Милан Ѓурлуков. Со убиството на Добри Даскалов ѝ бил нанесен силен удар на Револуционерната организација во Тиквешијата, особено на приврзаниците на така наречената Серска група – санданисти, какви што биле Добри Даскалов, Ило Боцев, Мишо Шкартов, Ристо Јосифов, Тодор Камчев и др.
Во чест на Добри Даскалов, по предлог на Димката Ангелов-Габерот, во екот на народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна, Тиквешкиот партизански одред го носел името „Добри Даскалов“. Целта била да се стави јасно до знаење дека македонските партизани ја продолжуваат борбата на македонските илинденци. Денес гимназијата во Кавадарци исто така го носи неговото име.
Користени извори: „Македонска нација“ и „Википедија“.





