Сиљановска-Давкова: ЕУ да ја почитува националната гордост на Македонците и да не го вознемирува нивниот национален идентитет!

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со премиерот на Белгија, Александер Де Кро. На средбата, како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, биле разменети мислења за севкупните обострани односи меѓу двете држави. Во средиштето на разговорите биле македонските стремежи за членство во Европската Унија. Претседателката Сиљановска-Давкова го нагласила очекувањето од македонска страна за фер-процес на пристапување во ЕУ, кој ќе ја почитува националната гордост на нашите граѓани и ќе се води на начин што длабоко не го вознемирува нивното чувство за национален идентитет.



Белгискиот премиер Де Кро истакнал дека нашата држава може да смета на силна белгиска поддршка, затоа што според официјален Брисел, земјата направила огромен напредок и сега на ред е Европската Унија да стори нешто.

Претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи ги добрите и пријателски односи меѓу двете држави, ја изразила потребата од интензивирање на комуникацијата на високо и на највисоко ниво.

Во контекст на пристапниот процес кон Европската Унија претседателката Сиљановска-Давкова посочила на потребата од отворање на преговорите за членство, со цел мобилизација на институциите и фокус на реформите и стандардите, особено на владеењето на правото и борбата против корупцијата.