Центарот на Белград денеска осамна со плакати со ликовите на Доналд Трамп и на Илон Маск, заедно со пораката „Направи ја Србија повторно голема“ на англиски јазик, илустрирано со карта на Голема Србија, која ја опфаќа и територијата на Република Македонија.
Плакатите ги излепило Конзервативното движење „Наши“, крајно десничарска организација, која за великосрпската мапа вели дека станува збор за „историски српски територии“, во кои покрај Србија и Македонија, ги вклучиле и Црна Гора, Босна и Херцеговина и поголемиот дел од Хрватска.
„Со оваа акција укажуваме на потребата Србија да си ја врати заслужената позиција на Балканот и во светот, како и да се исправат бројните историски неправди кои му биле нанесени на нашиот народ низ децениите.
Го поддржуваме Доналд Трамп како лидер кој покажа сила во борбата за суверенитетот на својата земја и отворено застана против глобалистичките политики кои ги загрозуваат националните интереси. Неговата порака ‘Направете ја Америка повторно голема“ нè инспирираше и нас, бидејќи веруваме дека Србија мора да ги врати својата големина и сила.
Српскиот народ со векови трпеше притисоци, поделби и неправди. Сега е време да го потврдиме нашиот национален идентитет, историја и суверенитет без страв и двоумење. Оваа акција е повик до сите Срби да се соберат околу идеалите за слобода и единство и да истраат во борбата за враќање на Србија на местото кое историски ѝ припаѓа“, објаснуваат од Движењето на својата вебстраница.






