Инцидентот пред премиерата на претставата на Бернард Шо во Софија осветлува една темна страна на бугарското минато
„Обидите на Бугарија директно да ја преземе македонската историја имаат јасна и единствена цел: да се ослободи од темните петна од минатото, особено од нејзината улога за време на Првата и Втората светска војна, кога беше на погрешната страна на историјата. Потврда дека тоа е главната нејзина цел е неодамнешната жестока реакција на група бугарски националисти, меѓу кои и европратеници, кои се обидоа да ја спречат изведбата на воената сатира ‘Луѓето и оружјето’ од Бернард Шо, во режија на светски познатиот Џон Малкович, поради, како што тие изјавуваа, исмевање на бугарските војници.“ – пишува во анализата објавена во весникот „Нова Македонија“ со наслов „Софија сака да ја присвои македонската историја, за да прикаже дека била ‘на победничката страна на историјата“.
По зборовниот судир меѓу протестантите и вработените во Националниот театар, ситуацијата прерасна и во тепачка. Полицијата спречи да не ескалира. Сето ова е потврда дека Бугарија не може да се соочи со сопственото темно минато, па затоа реагира дури и тогаш кога тоа се споменува и во некаков уметнички контекст. Тоа многу подобро ги објаснува бугарската блокада на Македонија и негирањето на нејзината историја, бидејќи македонската историја е единственото нешто што Бугарија може да го присвои, за да се испере од лошите епизоди во минатото.
Затоа, според бугарската историографија, браќата Кирил и Методиј се бугарски просветители, затоа цар Самуил е бугарски цар, затоа Илинденското востание е Преображенско, затоа браќата Миладиновци се Бугари, затоа „Македонска крвава свадба“ е бугарска, затоа се препејуваат македонските песни и се пласираат како бугарски. Ова е покрупен проект, што Бугарија сака да го реализира така што ќе ги блокира македонските евроинтеграции сѐ додека не се ремоделира историјата онака како што ним им одговара, во спротивно ќе се случуваат инциденти како пред театарот во Софија.
Историчарот Тодор Чепреганов смета дека Бугарија сака да ја присвои македонската историја, за да го испере сопственото темно минато. „Ним им се намести картата, да можат да нѐ уценуваат. Во одреден момент, во погрешно време се најдоа погрешни луѓе, кои го направија тоа, што го направија. Нѐ ставија во бугарската стапица и сега ќе мора некој да бара начин како да се излезе од тоа. Бугарите се свесни дека без македонската историја немаат своја историја. Тие сега настојуваат да избегаат од Русија, која им подари држава. Неодамна објавија книга во која периодот 1947-1991 година го сметаат како руска окупација врз Бугарија. Се обидуваат да избришат цел период од историјата, а остатокот да го пополнат со македонската историја.“ – констатира Чепреганов.
Историчарите се категорични дека со последниот инцидент со протестите пред премиерата на претставата „Луѓето и оружјето“ во Софија, на виделина излезе вистинската бугарска цел.
„Тие не прифаќаат ништо што е надвор од нивниот историски поглед, дури и кога е уметнички израз. Ќе направат сѐ што е во нивна моќ целосно да ја преземат македонската историја. Затоа е толкавото инсистирање за вметнување на Бугарите во македонскиот устав, да се претставуваат како државотворци и одвнатре да ги поткопуваат македонските позиции.“ – нагласуваат историчарите.
.





