Инсталациите на СДСМ и на ДУИ во правосудството се жилави, а борбата со нив ќе биде жестока и ни малку лесна, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во Прилеп, прашан за коментар на одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата. Комисијата во петокот ги поништи одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, кои спротивно на законот именуваа свои членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
– Не очекувам дека ќе биде лесна борбата во обвинителството и во судството, затоа што целта на тие неколкумина обвинители и судии е да дадат сè од себе за да го уништат обвинителството и судството, за да можат да ги заштитат нивните вистински стопани. Ова добива епски размери. Честопати, во изминативе пет месеци откако сме влада, се случува некои од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура, токму во моментите кога треба да се превземе резолутна акција против криминалци кои беа симбол на минатото седумгодишно владеење, коешто не треба да ни се повтори – рече премиерот Мицкоски.





