Министерот за здравство Арбен Таравари сѐ уште не го добил извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од вонредниот надзор на Клиниката за детски болести по смртта на петгодишното девојче со воспаление на мозокот. Тој изјави дека очекува да го добие во текот на денешниов, или утрешниот ден. Но по обвинувањата за зачестени смртни случаи на Клиниката Таравари го изнесе својот став дека „посебно албанската опозиција се обидува на секаков начин да прикаже дека оти е сѐ катастрофа, откако тие не се на власт“.
Во изјава за медиумите пред настан на кој беа презентирани резултати од воздухот во училишта и градинки во пет општини во државава, Таравари посочи дека и да биле „една, две, три години на власт, здравствениот систем повторно не може преку ноќ или за неколку месеци да се подобри“.
„Ова што се случува е последица на тоа, што го наследивме. Меѓутоа, како и да е, не треба да се политизираат случаи кога детето било болно и навистина патологијата била тешка, бидејќи од воспаление на мозокот умираат деца секае во светот. Тоа се случува и кај нас. Директорот покажа и статистика за смртноста на клиниката, така што не е нешто спектакуларно како што прикажуваат. На некаков начин сакаат да го тргнат вниманието на јавноста од реалните проблеми, па како да го критикуваме Таравари или директорот на Детската клиника, ќе кажеме дека починало некое дете. Кога се работи за лекарски пропусти, ние презедовме чекори, но за тешки пациенти, кои имаат сериозни болести, болниците се место каде што се лекуваат и, за жал, некои луѓе и починуваат, рече министерот.
Во врска со обвинувањата на Европскиот фронт дека со одлуката да не се брои нерезидентното население ќе се намали бројот на советници во општините, Таравари одговори дека треба самите да се критикуваат зашто самите и го донеле законот додека биле на власт.
-Јас не знам што бара Европски фронт. Сегашниов закон кој не го сменивме ние сега, тој е закон што го донесе Европски фронт во минатата влада кога се правеше пописот на населението во Македонија. Треба самите себеси да се критикуваат. Да беше закон што сега го донесуваме, во ред, меѓутоа закон што е донесен пред пет или четири години и сега го критикуваат -не знам, ова е лудница, додаде Таравари.



