Машката ракометна репрезентација на Македонија не ја победи Литванија ни во четвртиот меѓусебен дуел, во кој загуби со 29:27 во Вилнус во второто коло од квалификациите за Европското првенство 2026.
Како и на стартот со Естонија во средата во Скопје, кога, сепак, победија со 37:33, избраниците на селекторот Кирил Лазаров не ја оправдаа фаворитската улога ни против Литванците, иако овојпат против себе ги имаа и чудните одлуки на словачките судии Андреј Буџак и Михал Захрадник.
Дури петте одземени топки поради пробивање во првото полувреме му помогнаа на домаќинот да го добие со 13:12, па дури и да води со 9:5, принудувајќи го Лазаров да побара тајмаут во 18. минута.
„Црвено-жолтите“ го презедоа водството во почетокот на второто полувреме и постојано имаа минимална предност до 21:20 во 48. минута, но тука подзастанаа и тоа ги чинеше прв пораз во тековната кампања.
Филип Кузмановски со 8/10 беше најефикасен во македонскиот тим, пред Жарко Пешевски и Мартин Серафимов со по 5/7, а Ајденас Малашинскас со 8/10 и Каролис Антанавичиус со 7/9 беа најрасположени кај Литванците, покрај голманот Вилиус Расимас.
Во другиот меч од групата 1 Словенија ја победи Естонија со 29:28 во Талин и се зацврсти на врвот со 4 бода, пред Македонија и Литванија со по 2 и Естонија без бодови.
Во март в година е двомечот со Словенците, со кои првиот дуел ќе се одигра во Скопје на 12/13 март.






