Ќе се ловат „големи криминални риби“, најави министерот Тошковски

Министерот за внатрешни работи во интервју на Алфа ТВ накави дека ќе следат уште постапки против криминалот бидејќи преку системот EUROJUST, МВР и Обвинителството добија голем број докази поврзани со организиран криминал и корупција добиени преку апликацијата SKY која ја користеле криминалните групи и нивните доушници за меѓусебна комуникација.



„ Ќе следат постапки и во иднина, коишто ќе бидат насочени кон сите оние кои сториле криминал, а за кои има докази во рамки на предметната апликација. Моите информации се дека доказите се доста обемни. Се работи континуирано и посветено на овој предмет, и од страна на Јавното обвинителство и од страна на МВР, така што очекувам и други постапки во иднина, сѐ со цел оние коишто печалеле незаконито на грбот на македонските граѓани, отидат таму кај што им е местото“, најави Тошковски.

Тој се сомнева дека претходните акции против криминалците кои ги водело МВР биле неуспешни бидејќи водачите на клановите биле информирани за акциите па зад решетки завршувале „поситните риби“.

Според него, кога нема доушници на криминалците акциите одат поинаку.

„Кога имате координирани акции, кога нема да „протечат“ одредени информации до оние кои се предмет на самата истрага, тие нема да се најдат токму во тој момент на апсењето во друга држава, туку ќе се најдат како што се најдоа, зад решетки.

Тоа е разликата како претходно биле спроведувани акциите а ако сега се спроведуваат. Не дека и сега не би можело да се случи нешто такво, но претходно во континуитет им се случуваше. Во овие две обемни акции коишто ги направивме, сите оние коишто беа предмет на истрагата, беа пронајдени, соодветно лишени од слобода и процесуирани пред органите на прогонот“, рече министерот Тошковски.