Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД.



„Би сакал да ја искористам оваа пригода за да му честитам на Трамп за неговиот избор за претседател на Соединетите Американски Држави. Веќе реков дека ќе работиме со секој шеф на држава кому американскиот народ му верува“, рече Путин на состанокот на меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, додавајќи дека не смета оти е срам лично да го повика новиот американски лидер и да му честита.

„Само, не го правам тоа бидејќи во некоја фаза лидерите на западните земји ми се јавуваа речиси секоја недела, а потоа одеднаш престанаа. Како што можете да видите, ние сме живи и здрави, се развиваме, продолжуваме понатаму. И ако некој од нив сака да продолжи со контактите, јас секогаш сум велел дека немам ништо против тоа“, рече Путин.

Шефот на руската држава додаде дека е импресиониран од однесувањето на Трамп во моментот на обидот за атентат врз него.

„Можете да гледате на Трамп на различни начини, но тој е храбар човек, неговото однесување во моментот на атентатот е доказ за тоа“, рече рускиот претседател и додаде дека тоа му оставило силен впечаток.

Тој изјавите на Трамп за Украина ги оцени како „достојни за внимание“.

„Ми се чини дека она што го кажа Трамп за желбата да се обноват односите со Русија и да се помогне во решавањето на украинската криза заслужува барем внимание“, рече Путин, дополнувајќи дека не знае како ќе постапи Трамп.

На прашањето дали е подготвен да се носи со Трамп, Путин одговори потврдно и додаде дека новоизбраниот американски претседател е „прогонет од сите страни“.

Како што рече, рускиот претседател се надева дека односите меѓу Русија и САД еден ден ќе бидат обновени.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека не е исклучено Путин да искомуницира со Трамп пред неговата инаугурација.