Наумовски: Бугарија е од многу големо значење за источниот фронт и поддршката на САД ќе претежне кон неа во спорот со Македонија!

„Не е исклучена можноста американскиот Стејт департмент да посредува околу можноста за уставни измени со одложено дејство, односно за нивно стапување во сила по завршување на преговорите, на што инсистира Владата, заради деблокада на нашата евроинтеграција.“ – велат за Македонската информативна агенција МИА поранешниот амбасадор во САД Васко Наумовски и аналитичарот Марко Трошановски. „Но, Бугарија е експонирана држава на источниот фронт со многу поголемо значење во сегашен контекст. Поддршката на Америка во овој спор ќе претежне кон Бугарија!“ – предупредува Наумовски.



Амбасадорот Васко Наумовски, кој е и професор на Правниот факултет во Скопје, истакнува дека не се очекува некаква голема промена во односите меѓу САД и Македонија, бидејќи ние немаме никакви отворени прашања, но, вели, можни се определени промени во однос на затворањето на отворените прашања, кои сѐ уште постојат на Балканот и во тој контекст да се постават основите за натамошна целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ. „Тоа е во суштина и една од целите на долгорочната американска надворешна политика. – нагласува Васко Наумовски.

Во врска со прашањето дали може да очекуваме поддршка од Америка околу уставните измени со одложено дејство, односно нивно стапување во сила по завршување на преговорите, на што инсистира Владата, заради деблокада на нашата евроинтеграција, ни Наумовски ни Трошановски не отфрлаат таква можност.

„Една од стратегиските традиционални цели на САД е да се постигне целосна стабилизација на Балканот и негова интеграција во ЕУ. Сите прашања, поврзани со оваа тема, секако би можеле да бидат дел од потезите, кои САД ќе ги повлечат во овој регион во наредниот период. Во тој контекст, можни се поддршка и охрабрување на одредени процеси, што ќе придонесат за решавање на билатералните прашања, кои го попречуват проширувањето на ЕУ.“ – вели Наумовски.

„Дали оваа администрација ќе направи некаков поголем исчекор во оваа насока? Постои таков интерес и кај европските лидери и кај Америка да се поттикне некаков модалитет, што ќе ги овозможи уставните измени. Но, за тоа се чека формирање стабилна влада во Бугарија, бидејќи немате реално соговорник од другата страна.“ – посочува Трошановски.