„Му дојде малку зорт на Албин Курти кога виде дека победил Доналд Трамп! Ама сега и ние овде во Косово можеме да ‘изедеме’ неколку шлаканици, поради Курти и неговата злоба! А Ричард Гренел нѐ знае овде по име и презиме!“ – изреагира иронично политичкиот аналитичар Валон Сула, политички аналитичар и директор на информативниот портал на албански јазик „Газета метро“ од Приштина, Косово. Како што пишува „Газета метро“, Сула „потсетува“ на „тешките односи што ги имаше Курти со администрацијата на Трамп во 2020 година“. Инаку, покрај тоа, во своето иронизирање со Курти „за зортот што го почувствувал тој по изборот на Трамп“, Сула веројатно алудирал и на „соло-потезите“, кои ги презема со месеци Албин Курти како косовски премиер, и на неговата „непослушност“ кон САД, одбивајќи го, покрај другото, и наложувањето да се конституира „Асоцијација на српските општини“ на северот на Косово, што го бараат САД, како што наведуваат, „во рамки на договорот за заемно признавање и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“.
Сега се здобива впечаток како да започнува да се шири некаков страв низ Балканот по враќањето на Доналд Трамп на позицијата претседател на САД. Реагирајќи на изборот на Трамп, денес косовскиот политичар д-р Садри Рамабаја ги повика „двете албански републики Косово и Албанија“ да донесат „итни одлуки за нивно обединување во Албанска федерација“, со цел „да се зачуваат територијалниот интегритет и иднината на албанскиот народ“.





