Честитки до Трамп и пораки на Гаши “да се засили стратегиското партнерство“ и на Ахмети „да продолжи силното присуство на САД во Балканот“

Денес со честитки до Доналд Трамп како нов претседател на Соединетите Американски Држави се огласија претседателот на Собранието на Република Македонија Африм Гаши и лидерот на ДУИ Али Ахмети.



Африм Гаши во својата честитка до Доналд Трамп изрази „подготвеност за продлабочување на соработката со новата американска администрација, за да се засили нашето стратегиско партнерство“ и порача: „Овој важен момент ја отсликува силата на американската демократија. * Македонија била и ќе остане силен сојузник на развојните и стабилизациски политики на САД. Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на * Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и извор на постојана поддршка.“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во својата честитка наведува: „Американските гласачи се определија за впечатливо враќање на претседателот Трамп во Белата куќа во Вашингтон. Убеден сум дека американското присуство во Балканот ќе биде силно како и секогаш, за да се решат конечно отворените прашања меѓу земјите на Југоисточна Европа“.