„Вреди“: Не помина кај Албанците сценариото на Ахмети и Села да им станат алатка за заштита на нивните корумпирани ексфункционери!

„Мислевме дека 100 дена се доволно време Ахмети и Села да ја прифатат реалноста и да ѝ се вратат на внатрешната кадровска и програмска реорганизација, пред да почнат да ја бараат довербата од Албанците. Но, наивно потценувајќи ја интелигенцијата на народот, тие инсистираат нивното отсуство во оваа влада да го претворат во причина за предизвикување меѓуетничка напнатост.“ – порачува во своето денешно соопштение коалицијата Вреди, кое го пренесува ТВ Шења.



Вреди натаму истакнува: Ова подмолно сценарио не им поминува кај Албанците, кои им ставија јасно до знаење дека нема да станат алатка за заштита на нивните поранешни корумпирани функционери. Тоа ги направи Ахмети и Села фрустрирани, збунети и без компас. Цело лето ветуваа протести наесен, а потоа одеа на состаноци со нивното разочарано членство, пишуваа патетични писма и ги туркаа пратениците да бидат како подвижни паноа.

Коалицијата Вреди ја потсетува дезориентираната албанска опозиција дека ѝ должи на јавноста одговори на многу чувствителни прашања, кои останаа во нивното сеќавање како белег на нивниот режим и како потсетување на нивното лицемерие и дволичност денес. Зошто „западњаците“ на ДУИ му се поклонија на Лавров среде Скопје? Зошто додека беа на власт му дадоа државјанство на Александар Онишченко, а илјадници Албанци, родени во Македонија, останаа без државјанство? Зошто му овозможија бизниси во Тетово на Дака Давидовиќ, кој е на црната листа на САД?

Зошто Ахмети не пишуваше писма за заштита на Албанците кога беше дел од Владата на Груевски и Мијалков? Зошто Ахмети реши да го спречи Арбен Таравари да влезе во вториот круг од претседателските избори и ги повика гласачите да ги бојкотираат претседателските избори на 8 мај? Зошто Ахмети лажно тврдеше дека е сигурен партнер на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во Владата, затоа што божем има поддршка од меѓународните стратегиски партнери? Кој е творецот на срамната понуда на ДУИ, дадена во пратеничката канцеларија со број 161, за влегување во владата наместо Вреди, со четворица министри, без претседател на Собранието и со ветување за поддршка на терен за избор на Македонци како градоначалници на општините Струга и Кичево на локалните избори 2025 година?

Зошто Ахмети преку своите инсталации во правдата се обидува да ја дестабилизира државата преку одлуките за задржување на борецот на ОВК Блерим Рамадани во притвор, отстранување на балансерот, обидот за воведување на Законот за бранители и проблематизирање на употребата на албанскиот јазик? Со чии милиони евра Дрин Ахмети стана сопственик на Соравија? Колку тендери добија внуците на Ахмети,  благодарение на режимот на ДУИ? Каде се милионите од казино-бизнисите на Артан Груби и Перпарим? Колку народни пари завршиле во џебовите на функционерите на ДУИ? Зошто Ахмети и Османи активно работат против полноправно членство во ЕУ, спречувајќи да се случат уставните измени?

Сè додека нема одговори на овие и на многу други прашања, фронтот на Ахмети и Села нема што да бара од Албанците. Коалицијата Вреди е надежта на Албанците! – наведува оваа коалиција во своето денешно сооптение.