Министерот Трипуновски очекува фер проценка и реална исплата на трудот за тутунарите

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најави почеток на откупот на тутун за 15 ноември, со очекување за фер проценка и исплата на трудот на земјоделците. Министерството активно ќе го следи процесот, а сите можни проблеми ќе бидат решени навремено, со цел да се поддржи секторот и производителите.



Трипуновски ја потенцира важноста на поддршката за тутунопроизводителите и нагласи дека оваа година, иако можеби со малку намален принос, се очекува квалитетен род кој ќе ги задоволи стандардите на пазарот.

  • Очекувам дека ќе имаме богат род и квалитетен тутун како и во минатото.  Можеби ќе биде со намалена количина, не како во претходните години, меѓутоа очекувам да има фер проценка и реална исплата на трудот на тутунарите. Ние како Министерство ќе го следиме процесот и сите евентуални проблеми кои би настанале, а не верувам дека ќе има, ќе ги санираме на самиот почеток, рече Трипуновски. 

Министерот Трипуновски ја отвори и манифестацијата „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, каде што нагласи важноста на локалното производство и промоција на домашни производи.