„Дури и во извештајот на Европската комисија се констатира напредок во меѓуетничките односи. Оваа Влада не ги дели граѓаните врз етничка основа. Владата работи за сите и дели проекти за Штип, Кочани Велес, дели проекти и за Тетово, Гостивар, Арачиново, Липково, Желино, Врапчиште, Боговиње, кои ги решаваат реалните потреби на граѓаните за водоводи, патишта, канализации, училишта. Треба да живееме со реалните проблеми, како да се однесе леб дома, како да се постави трпеза. Доаѓаат празници кога сите треба да сме сплотени и обединети. Распределивме во сите општини и не мериме со кантар колку Македонци, или Албанци ќе ја газат. Ќе ја газат сите, ќе имаат улица, а до вчера имале кал. Вода немале во 21 век, сега ќе имаат вода. Тоа е суштината на функционирање на оваа Вла. Можеме да бараме точки, кои нѐ раздвојуваат, но суштината е да најдеме што нѐ сплотува да работиме за граѓаните без разлика на нивна етничка, верска или политичка припадност. “ – нагласи премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски во одговор на прашање на пратеникот Елми Азири од „Европскиот фронт“ на вчерашната собраниска седница, посветена на пратенички прашања. Азири го праша Мицкоски: „Што ќе направите со меѓуетничките односи во државата? Ќе го почитувате ли уставот, според кој * Македонија им припаѓа и на Албанците, како и на другите, или ќе продолжите со вашиот проект? Кога ќе се врати кохезијата меѓу Албанците и Македонците?“
Мицкоски порача и дека треба да се свртиме кон реалните проблеми, како да направиме економска реформа на Тетово, Струмица, Штип, Битола, Прилеп, како да го зајакнеме капацитетот на Тетовскиот Универзитет, на „Мајка Тереза“, да ги изградиме Финки, Факултетот за физика култура, а и покрај Коридор 8, да го направиме и Коридор 10.
Во врка со обвинувањето дека „Владата нема легитимитет“ и оти „со тоа ја зголемува меѓуетничката напнатост“ претседателот на македонската влада Мицкоски истакна дека таа има легитимитет и тоа од скоро две третини од вкупниот број на пратеници во Собранието. „Демократијата познава мнозинство во Парламентот, ова мнозинство има речиси две третини, а за да се избере влада потребно е 61 пратеник. Дури и во извештајот на ЕК се констатира напредок во меѓуетничките односи, дајте да зборуваме конструктивно граѓаните да се вратат назад.“ – посочи премиерот Мицкоски.





