Денес во Собранието на Република Македонија се случуваа сериозни провокации врз етничка основа од страна на пратениците на ДУИ и од други партии-членки на така наречениот „Европски фронт“: додека зборуваше премиерот Христијан Мицкоски, тие пратеници го попречуваа во излагањето, стоејќи пред него и пред официјалната говорница со истакнати транспаренти со натписи само на албански јазик, без никаков превод на македонски јазик.
„ДА ЗА ЕВРОПА, НЕ ЗА РУСИЈА“, „Без етничка припадност нема Охридски договор“ и „Рацете подалеку од албанскиот јазик“ – ова беше содржината на истакнатите транспаренти, напишани само на албански јазик. Нема сомневање дека во парламентарната пракса и во Македонија и во светот политичките партии користат широк арсенал на демократски политички средства, за да се спротивстават на владејачките политички гарнитури во односните држави. Но, каква порака сакаат да пратат „Европскиот фронт“ и ДУИ, која го предводи, со транспарентите само на албански јазик во законодавниот дом на македонската држава, игнорирајќи го нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик?
Сметаат ли „Европскиот фронт“ и ДУИ дека со вакво „изразување протест кон работата“ на Владата на Македонија и нејзиниот премиер Мицкоски навистина придонесуваат кон „одбраната на албанскиот јазик и на Охридскиот договор?“
Дали водат сметка „Европскиот фронт“ и ДУИ дека еднојазичните транспаренти на албански јазик, отфрлајќи го официјалниот македонски јазик, може да се сфатат и да се доживеат во јавноста повеќе како сериозна провокација врз етничка основа, што може да може да предизвика сериозно дополнително негативно влијание врз ионака кревките меѓуетнички односи во земјата?





