Чуповски: Македонското дело не е српско, ниту бугарско, туку чисто македонско, но Европа не сака да го види тоа, ниту борбата за Македонија!

„… неподнослива е положбата, во која ce наоѓа ceгa нашата татковина Македонија … раскината на делови како резултат од војните во 1912-1913 и во 1914-1918 година меѓу Србија, Грција и Бугарија. … терор се спроведува спрема Македонците од страна на Југославија и Грција… Во југословенската скупштина се истакнуваат барања за македонска слобода, во Романија, Бугарија, Австрија и на други места македонските емигранти ги обновија своите револуционерни комитети и се обраќаат кон општественото мнение и кон владите во Европа со барање за давање независност на Македонија. Но, Европа не сака да ги види македонските работи… Македонското прашање … е живо, активно прашање.  … тоа се изразува како непомирлива борба со оружје на македонските селани за својата земја и својата слобода. … македонското дело не е ни српско, ни бугарско дело, туку чисто македонско.“ – ова се најважните делови на статијата со наслов „Револуционерна македонија чека поддршка во својата борба“, која ја напишал Димитрија Чуповски во 1923 година на руски јазик во текот на неговиот престој во тогашен Ленинград, во Русија, како негов последен познат труд. Текстот на статијата ја превел и ја објавил во јавноста истакнатиот македонски историчар Блаже Ристоски. Денеска, на 29 октомври 2024 година се навршуваат 84 години од смртта на овој македонски национален деец, еден  најистакнатите афирматори на македонската национална мисла. Димитрија Чуповски ќе остане забележен во историјата како еден од најголемите борци за самобитноста на македонскиот народ како и за обединувањето на Македонија и конституирање во национална држава на македонскиот народ. Тој умира на 29 октомври 1940 година во Ленинград. За време на погребот неговиот ковчег бил покриен со знамето на Македонската колонија во Русија, изработено во 1914 година. На крстот неговиот син ги испишал зборовите: „Борец за правата и слободата на македонскиот народ“. Неговите коски со државни свечености беа пренесени од Ленинград во Скопје во 1990 година.



Во статија од 17.10.2010 година „Македонска нација“ пишува: Димитрија Димов Чуповски за време на својот живот се јавува како поет, публицист, редактор, книгоиздавач, картограф, историчар, лексикограф и културен деец. Ги основал и бил претседател на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (1902–1917), потоа на Словеномакедонското национално просветно друштво „Св. Кирил и Методиј (1912–1913), член и основач на Руско-македонското благотворно друштво „Св. Кирил и Методиј (1913–1914). Бил член-основач и претседател на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград (1917–1924).

Димитрија Чуповски е роден на 8 ноември 1878 година во семејство на македонски револуционери-автономисти во селото Папрадиште, Велешко. Заминал со со своите браќа на печалба во Софија, каде го продолжува своето образование во 1892 година. Во тогаш новосоздадената бугарска држава дење работел, а ноќе учел во Вечерната школа на македонските „лозари“. Во присуство на Даме Груев, Петар Поп Арсов и други македонски студенти борбата за правата и слободата на македонскиот народ станува негов иден животен пат.

Своето образование го продолжува во Вечерната светосавска учителска школа во Белград во периодот од 1892 до 1895 година. Потоа Чуповски се вработува како учител во во своето родно Папрадиште. По крткотрајното учителствување во учебната 1895/96 година, тој е затворен, поради неговата револуционерна активност. Успева да избега и преку Белград заминува во Русија. Таму го продолжува своето образование во Духовната семинарија во Новгород и во Симферопол од 1987 до 1900 година. Во 1902 година го основал славното Македонско научно-литературно другарство (МНЛД) во Санкт Петербург, кое е претходник и темел на денешната Македонска академија на науки и уметности.

Како претседател на МНЛД Димитрија Чуповски започнува низа активности, преку кои ја запознава руската и европската јавност за вистинската состојба во Македонија. Држи низа предавања во Другарството и надвор од него, на кои ги пренесува желбите на македонскиот народ за самостојност и сопствена држава. За состојбата во Македонија води разговори со руските власти, со Турската и Австро-унгарската амбасада. Во 1905 и 1911 година патува во Македонија заради подготовки за отварање училишта на македонски јазик.

Во предвечерјето на Балканските војни, Чуповски настапува на јавни собири и е присутен во рускиот печат, а по започнувањето на војната доаѓа во Македонија. По пристигнувањето во Скопје и Велес заедно со Петар Поп Арсов, Иван Поп Јорданов и други интелектуалци создаваат јадро на борбата на македонскиот народ за создавање на македонска независна држава. Акцијата, што ја започна Чуповски, се пренесува и во Солун, каде што Ризо Ризов и Павел Шатев ги организираат симпатизерите и активистите за спроведувањето на акцијата на Чуповски и другите револуционери од Велес и Скопје. Како резултат на овие активности се организира општомакедонска конференција во декември 1912 година, на која се бара ослободување на македонскиот народ и создавање на независна и обединета Македонска држава.

Од конференцијата Чуповски добива полномошно за да може да ги застапува интересите на македонскиот народ пред Европа, а истовремено се заклучува неговата мисија да се подржи со широка пропаганда како во Македонија така и надвор од земјата. Активноста на Чуповски во Македонија е спречена од српските, грчките и бугарските власти, кои отворено му се закануваат и го протеруваат од земјата. По враќањето во Русија, Чуповски се јавува во овој период со статии за завојувачкиот карактер на војната и за македонската државност. Тој во текот на Мировната конференција во Лондон го истакнува фактот дека во војната против Турција учествувале равноправно илјадници Македонци, па поради тоа бара од сојузниците да му дозволат на македонскиот народ да создаде сопствена држава.

За подобро запознавање до македонското прашање и желбата на Македонците за своја слободна држава, во март 1913 година ја објавува првата карта на македоноски јазик во боја „Карта Македониіа“ и заедно со Меморандумот на Македонците од 1 март  1913 година ги праќа до Лондонската конфереција и до рускиот печат. Три месеци потоа, на 7 јуни 1913 година потпишан е „Меморандум на Македонците“ кој е испратен до владите и јавноста на балканските држави,  а веќе на 9 јуни 1913 година се појавува и првиот број на списанието „Македонскiй голосъ“ („Македонски глас“).

Двата меморандума на Македонците од Петроград, покрај тоа што беа упатени во Лондон, Софија и Атина, беа објавени и во списанието „Македонски глас“ на руски јазик, во тоа време единствено гласило на македонскиот народ. Иако апелот на македонскиот народ, изразен во Меморандумот на Македонците од Петроград, беше глас во пустина, кој се изгуби во грмежот на топовите кои ја пустошеа Македонија, Чуповски и македонската колонија не престанаа со своите активности. Покрај многуте официјални акти Чуповски заедно со Крсте Мисирков, од името на Петроградската и Јужноруската македонска колонија, поднесуваат до рускиот министер за надворешни работи  опширен Меморандум од 14 август 1914 година.

Борбата за самостојност и за национална држава на македонскиот народ на Димитрија Чуповски не престанува се до неговата смрт. Тој подготви македонско-руски речник, кој не стигна да го заврши, а пропаѓа заедно со ракописот на лексиконот за историја, етнографија, јазик, фолклор и културата на Македонија во бомбардирањето на Ленинград во 1942 година.