Израелскиот претседател Исак Херцог денеска во име на израелската држава им се извини на роднините на жртвите од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.
„Овде стојам како претседател на државата Израел и се извинувам“, рече Херцог за време на церемонијата во Ерусалим во неделата.
За разлика од Херцог, премиерот Бенјамин Нетанјаху допрва треба да се извини.
Тој призна дека безбедносниот апарат направил грешки, но сака истрага откако ќе заврши војната во Појасот Газа.
„Жал ми е што не успеавме да ги заштитиме вашите најблиски, жал ми е што го прекршивме најосновниот договор меѓу една земја и нејзините граѓани за заштита на нивните животи и безбедност“, рече Херцог.
Припадници на Хамас и други милитанти од Појасот Газа убија 1.200 луѓе и киднапираа 250 во нападот врз Израел на 7 октомври минатата година. Предупредувањата дека е можен таков напад, наводно, биле игнорирани.






