АА на Села тврди: „Лидерите на коалицијата Вреди ги злоупотребуваат државните институции и ресурси за партиски активности“

„Изет Меџити како вицепремиер продолжува да ги злоупотребува службените канцеларии, заради партиски средби.“ – со ова тврдење се огласи крилото во Алијансата за Албанците, со кое раководи Зијадин Села, во соопштението, кое го пренесе информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.

Натаму, АА на Села тврди: „Раководителите на партиите на коалицијата на нелегитимната влада вршат флагрантни злоупотреби на државните институции и ресурси. И како кадар на ДУИ, и како претседател на општина Чаир, но и сега како кадар на Вреди, Изет Меџити ги злоупотребува вицепремиерските канцеларии за партиски состаноци и активности.“

„Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори постапка за злоупотреба на државните институции од политички функционери за партиски цели. Го повикуваме и вицепремиерот за добро владеење да ги извршува службените должности и да ги санкционира противзаконските активности на неговите сопартијци.“

„Ваквите постапки не можат да се толерираат и претставуваат тешко прекршување на законот. Тие постапки го откриваат вистинското лице на партиите на коалицијата Вреди, за кои институциите на државата се само средство за партиски придобивки.“