Света Петка се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева.
Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води.
Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Параскева живеела со своите родители до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, па во јорданската пустина (денешен Израел) каде што живеела во пост и во молитва до староста.
Се вратила во родниот Епиват каде што по две години се упоколила, според житието, во 11-ти век.
Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место – од Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаш.
Верниците ја слават св. Петка како заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи.
Еден од обичаите кои се практикуваат на празникот на Света Петка е „петолебие“, кога луѓето носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата, кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе.
Притоа, петте лепчиња се осветуваат, при што едно му се дава на верникот, а четири остануваат во црквата.





