Од утре ќе се будиме еден час подоцна

Во три часот по полноќ ноќеска почнува зимското сметање на времето.



Стрелките од часовникот ќе се вратат еден час назад – од 03 на 02 часот.

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.

Кај нас зимско/летно сметање на времето започна во 1983 година кога во поранешна Југославија било воведено правилото дека стрелките на часовникот треба да се поместат еден час понапред во март, а потоа се враќаат назад во есен.

Зимското сметање на времето го применуваат и поголем дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија.

Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.

Освен во Европа, сезонско менување на времето се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот.

Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.