Вардар го исфрли бранителот на трофејот Тиквеш од Купот на Македонија

Со двата гола на Џибрил Дианеси во завршницата од натпреварот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, фудбалерите на Вардар го совладаа бранителот на трофејот Тиквеш со 2:0 и се пласираа во четвртфиналето на Купот на Македонија.



Францускиот напаѓач го отвори резултатот во 75. минута, крунисувајќи го контранападот на „црвено-црните“ а победата ја завери во четвртата минута од судиското продолжение.

Второлигашите Арсими и Детонит Плачковица ги елиминираа прволигашите Воска и Пелистер: тимот од Чегране славеше со 3:1 над охриѓани во Гостивар, а радовишани во Битола беа подобри пеналџии од пелистерци, откако мечот во основниот дел заврши 1:1.

На пенали во следната рунда помина и Силекс против Шкупи, откако на мечот во Кратово немаше голови во регуларниот дел.

Други резултати од осминафиналето: Брера – Беса 2:0, Гостивар – Брегалница 1:0, Шкендија – Шкендија Арачиново 1:0 и Струга – Македонија Ѓорче Петров 2:0.