Ракометарите на Вардар значително си ги намалија шансите за пласман на едно од првите две места во групата што водат во главната фаза на Европската лига на ЕХФ по поразот од 26:22 против директниот ривал Порто во арената „Јане Сандански“.



Двократниот европски првак го доби првото полувреме со 12:10 и водеше до 16:15 во почетокот на второто, по што гостите од Португалија ја презедоа иницијативата и не ја испуштија до крајот на мечот.

Најголемите заслуги за тоа ги има голманот Диого Рема со неговите 14 одбрани и 41 отсто успешност, меѓу кои и два седмерца во финишот, во споредба со вкупно само четирите успешни интервенции на Еспиња и на Гогов.

Левото крило Хансер Родригез беше прв стрелец на „црвено-црните“ со 4 гола, еден повеќе од Георгиевски, Крсманчиќ и Лазаревски.

На половина од натпреварите во групата Ф вардарци се трети со 2 бода, еден помалку од Порто, а со максимални 6 води Мелсунген, кој дома го декласира Валур со 36:21 и го остави на 1.

Во следното коло на 29 октомври Вардар ќе му гостува на Порто.