„За првпат Албанците си го земаат пропорционално делот од државниот буџет, што им припаѓа. За албанските општини годинава се доделени повеќе од 20 милиони евра. Следната година овој буџет ќе се зголеми за трипати.“ – овој став го изнесе Аднан Азизи, организациски секретар на Централното претседателство на Беса, членка на коалицијата Вреди, и пратеник во Собранието на Република Македонија, во изјава за весникот на албански јазик „Лајм“.
„Лајм“ пишува: Пратеникот од коалицијата Вреди Аднан Азизи вели дека со последното доделување пари од фондовите на владата за општините Албанците го добиле за првпат пропорционално делот што им припаѓа од буџетот на државата.
„Тоа е историско и многу големо постигање за Албанците. Секоја партија имала определба во својата програма во сите овие децении да добие дел од државниот буџет за финансирање проекти во албанските општини. Албанците за првпат пропорционално го добиваат својот удел, а за албанските општини годинава се доделени повеќе од 20 милиони евра. Следната година овој буџет ќе се зголеми тројно и албанските општини за првпат ќе имаат буџет за реализација на проекти за развој, инфраструктура, култура, образование и слично.“ – кажал Аднан Азизи.
Инаку, премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски на прес-конференцијата од 17 октомври 2024 година посочи дена на седница на владата биле потврдени повеќе од 270 проекти, коишто се во речиси сите општини, при што тој не наведе никакво „финансирање на општини врз етничка основа“, ниту какво било „издвојување на делот од државниот буџет, кој им припаѓа пропорционално на Албанците“, како што се искажува пратеникот Азизи. Азизи употребува израз „албански општини“, но такви не постојат во Македонија, туку постојат општини со етнички доминантно, или етнички мешано население, без албански етнички предзнак пред односните општини.
На споменатата прес-конференција, покрај другото, премиерот Мицкоски нагласи: „Ова нема да бидат ова само проекти каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, или од владината коалиција каде што има градоначалници, коишто се дел од коалицијата ВРЕДИ, или од ЗНАМ, туку и онаму каде што имаме градоначалници од СДСМ, од ДУИ, како и градоначалници, коишто се независни, затоа што ние се бориме за секој квадратен милиметар на целата територија на државата.“





