На денешен ден, на 21 октомври во 1943 година на 21 октомври во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната територија на Дебарца. Тој собир е предвесник на историскиот АСНОМ. Антим Поповски е еден од иницијаторите и организаторите во Главниот штаб за организирање на овој Прв свештенички собир, кога се поставени темелите на Македонската православна црква. Изразувајќи ги стремежите и определбите на православното свештенство и на верниците од цела Македонија, триесетте народни свештеници донеле многу значајни историски одлуки за неа, за македонскиот народ и за движењето.
Според одлуките на собирот, била откажана била секаква јурисдикција-надлежност и права на туѓите цркви врз Црквата на Македонија, а од тој ден започнал да се користи македонскиот јазик во богослужбите во црквите и во црковната администрација. Свештениците се ставиле на располагање на народната власт. Потоа била формирана првата организирана црковна власт, со архиерејско намесништво, а како прв намесник бил поставен заслужниот деец и учесник во НОВ, прота-ставрофор Антим Поповски.
Свештениците и македонските христијани биле повикани да се вклучат во народноослободителното движење и со сите сили и средства да ја помагаат народната војска. По повод одржувањето на Првиот свештенички собир, во Издеглавје на 20 октомври 1983 година била откриена спомен-плоча на куќата, каде што се одржал собирот.
Поповски е запопен во Тирана со помош на Пирузе и на Питу
Антим Поповски (Слатино, 1900 – Скопје, 31 март 1987) бил македонски свештеник, прв архиерејски намесник за ослободената територија во 1943 година и еден од носителите на одлуката за обновување на Охридската архиепископија и за организирање на Македонската православна црква. Роден е во Слатино, Дебрца. Немал можност да ја заврши богословско-учителската школа во Битола, бидејќи бил протеруван од школските управи како син на бунтовник и опасен за српската власт.
Како печалбар во Белград воспоставил контакти со напредни студенти и работници и бил посетител на друштвото „Вардар“, организирано од македонските студенти во Белград. Таму се сретнал со Петре Пирузе, со Петар Богданов-Кочко, Кузман Јосифовски-Питу и многу други личности, од кои се надоградувал и го збогатувал своето знаење. Антим со својот ангажман ја освоил довербата на Кузман Јосифовски-Питу, Михајло Апостолски, Методија Андонов-Ченто, кои престојувале во Дебрца.
Петре Пирузе заедно со Кузман Јосифовски–Питу во ноември 1941 година го организирале неговото запопување во Тирана кај владиката Кристофор. Антим е прифатен како член на проширениот состав на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија и ја водел комисијата за верски прашања.
Протоереј-ставрофор Антим Поповски починал на 31 март 1987 година во Скопје.





