„Властодршците во Скопје го блокираат евроинтегративниот процес на нивната земја, одбивајќи да направат уставни измени со вклучување на бугарската заедница, што е неопходен услов во преговарачката рамка, која е изгласана и во Собранието на * Македонија во јули 2022 година. Блокирањето на евроинтеграциските перспективи ѝ дава простор на Москва за мешање во политиката на земјите од Западниот Балкан.“ – со ова „добрососедско тврдење“ се огласи д-р Антон Панчев, албанолог и политиколог, професор во универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Софија, во интервјуто, што го даде за влијателниот косовски весник на албански јазик „Бота сот“. Овие ставови на Панчев, кој е и член на така наречениот „Македонски научен институт“ во Софија, се на линија на неговиот заканувачки став уште од пред три години „дека нема влез во ЕУ за Скопје додека ја негува апсурдната идеологија на македонизмот“, искажан во интервју за еден друг медиум на албански јазик, магазинот „Шења“ во 2021 година. Тогаш овој политиколог и албанолог се „пожали“ дека „се прават директни обиди за диференцијација на Бугарите и Македонците врз основ на расни белези“ и оти „се настојува дека ‘татаро-монголите’ се на пониско културно и расно ниво од ‘белата раса’.“
Запрашан во споменатото најново интервју за „Бота сот“ „дали продолжува Србија со помош на Русија да ги провоцира околните земји, вклучително и Косово“, Панчев одговара: „Има многу тензии, бидејќи Србија упорно ги следи своите хегемонистички планови кон другите земји во регионот. Во * Македонија на политичката сцена доминираат засрпски партии, кои се однесуваат националистички и се инструменти на Белград.“
Притоа Панчев ги „обвинува“ „македонските националисти“ дека „им ги укинуваат правата на Албанците“: „Новата влада во Скопје презеде кампања против правата на немнозинските заедници во оваа држава. Се прават напори за намалување на колективните права на Албанците, кои произлегуваат од Охридскиот договор од 2001 година и се загарантирани со Уставот и законите на оваа земја. Отстранувањето на ‘балансерот’, кој обезбедува правична застапеност на етничките заедници во јавните институции, од страна на Уставниот суд на * Македонија на 9 октомври е чекор во оваа негативна насока. Во декември во овој Суд ќе се разгледува и барањето на македонските националисти за укинување на Законот за јазици, со кој се регулира употребата на албанскиот јазик во јавниот простор.“
Во интервјуто за косовскиот весник „Бота сот“ бугарскиот политиколог и албанолог Панчев ја прогласува Република Македонија како „држава диригирана од Србија“: „Србија ги контролира институциите на оваа држава, диригира со неа, за да остане во ‘српскиот свет’ и да остане надвор од ЕУ. Нема сомнеж дека и Русија стои зад агресивната српска политика кон соседите, бидејќи блокирањето на евроинтеграциските перспективи ѝ дава простор на Москва за мешање во политиката на земјите од Западниот Балкан.“
Дилема е: дали Панчев сака да ја види Македонија, поправо како „држава диригирана од Бугарија“? Инаку, тој останува запомнет по неговите ставови искажани во интервјуто за магазинот на албански јазик „Шења“од 21 јануари 2021 година, кога заканувачки порача дека „нема влез во ЕУ за Скопје додека ја негува апсурдната идеологија на македонизмот“.
Покрар другото, во тоа интервју Панчев имаше изнесено: „Бугарија има право да ги користи сите легитимни инструменти базирани врз правото не ЕУ за да ги штити своите интереси. Точното спроведување на договорите е основен принцип во меѓународното право. Тие принципи се воспоставени во неколку резолуции и други документи, додека основните бугарски барања се наоѓаат во Договорот за добрососедство меѓу нашите две држави. * Македонија ги нарушува систематски тие принципи и не може да стане дел од ЕУ со апсурдната идеологија, која ги има како темел омразата и крадењето историја. * Македонија е последната држава во Европа со расистичка идеологија и пропаганда. Тоа е официјалната политика на таа држава. Идеологијата на македонизмот е изградена врз разни стереотипи и омраза кон бугарскиот етнос. …Се прават директни обиди за диференцијација на Бугарите и Македонците врз основ на расни белези. …Се настојува дека ‘татаро-монголите’ се на пониско културно и расно ниво од „белата раса.“
Секој може да кажува што ќе му текне од памет, вклучувајќи ги и „научниците“, но тенденциозна измислица е да се каже дека „Македонија е држава диригирана со своите институции од Србија“. Уште поголема измислица е, до степен на апсурд, да се каже дека „Македонија е држава со расна идеологија“, или оти „во неа се врши расна диференцијација“. Во Македонија нема „раси“, туку само различни етникуми со уставна загарантираност на сечии индивидуални и колективни права и на еднаквоста на сите етникуми.





