„Со притисок и заплашување бугарската официјална политика се мачи да го парализира во македонскиот народ неговиот инстинкт за самозапазување, да ја убие онаа моќна и жива формула, што раѓа во неговата свест и во неговата душа формула како самостојна државна единица на Балканот. … Бугарските влади и буржоазијата бараат присоединување на Македонија, зашто тоа го бараат нивните интереси, но тие интереси се противни на интересите на македонскиот народ.“ – нагласува Димо Хаџи Димов во 1919 година во својата брошура со наслов „Назад кон автономија“, уривајќи ги пропагандите на Бугарите и нивните мешања во македонското дело. Во оваа брошура, која била веднаш прифатена среде македонските маси низ Пиринска Македонија, Димов категорично заклучува: „Ако народите имаат право самите да ја определат својата судбина, македонскиот народ исто така го има тоа право и за определувањето на својата судбина нема зошто да ги праша Бугарија, Србија и Грција, туку пред се себе и само себе.“
Димо Хаџи Димов е роден на денешен ден на 20 октомври 1875 година. Тој е еден од најборбените теоретичари и идеолози на македонското прашање и на револуционерната борба на македонскиот народ за извојување целосна национална слобода и создавање сопствена самостојна држава Македонија. Хаџи Димов е и еден од најблиските соборци и истомисленици на Гоце Делчев, член на Македонската револуционерна организација, истакнат претставник на Серската група, како и еден од основачите на Народната федеративна партија.
Една од неговите и денес актуелни мисли е: „Македонија нема да се ослободи со дипломатски средства, преку надворешна интервенција, ами преку револуција и по пат на самоослободување. Тајната дипломатија на империјалистичка Европа, искористувајќи ги великодржавните територијални стремежи на малите балкански држави, ги вовлекува нив во своите игри и ги држи во потчинетост и заостанатост. По националното ослободување, ќе дојде борбата за класно и социјално ослободување.“
Семејството на Хаџи Димов во 1879 година, бегајќи од турскиот аскер, се доселува во Дупница, Бугарија. Димо во 1895 година ќе учителствува во Дупница, преокупиран со социјалистичките идеи и идеите за ослободување на својот македонски народ. Во редовите на ТМОРО се вклучува во 1896 година. Се спријателува со Јане Сандански за кого, според кажувањето на Иван Харизанов, Димо Хаџи Димов претставува духовен учител, „кој како брат се грижеше за него“. Од 1901 година Хаџи Димов се вклучува поактивно во македонското ослободително движење. Во судирот меѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет Хаџи Димов застанува категорично на страната на Внатрешната организација.
Во договор со Гоце Делчев тој во јануари 1903 година заминува со четата на Борис Сарафов за Македонија. На 3 мај пристига во селото Баница, за да се сретне со Делчев. Следниот ден турската војска го напаѓа селото и во битката загинува Делчев. Хаџи Димов успева да се извлече и кон крајот на мај се враќа во Дупница. По Илинденското востание заедно со Јане Сандански и Ѓорче Петров застанува против врховистите. Се профилира како истакнат претставник на Серската група и на реформската струја во ВМОРО. Во 1908 година, во времето на Младотурската револуција, Хаџи Димов заминува за Солун и е еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија. Една од целите на оваа партија е Македонија да се оформи како одделна самоуправна единица. По Првата светска војна Хаџи Димов заедно со Ѓорче Петров и соработниците на Јане Сандански се организираат во борба за извојување на автономна и обединета македонска држава.
Од крајот на 1919 година Хаџи Димов се вклучува во активностите на Бугарската комунистичка партија. Тој станува и комунистички пратеник во бугарското Народно собрание. Во мај 1924 година влегува во Централниот комитет на партијата. Поради своите активности ќе дојде во судир со бугарската власт и со автономистичката ВМРО. Заканите кон него стануваат сѐ почести. По налог на Ванчо Михајлов Владо Черноземски го убива Хаџи Димов на 13 септември 1924 во Софија. Закопан е на софиските гробишта. Димо Хаџи Димов е опеан во народната песна на македонскиот народ. Тој се споменува во песната „Буките развиват браќа“.
Преземено од: „Википедија“ и „Македониум“.





