„Лајм“: Меџити се сретна со целото албанско раководство од Балканот, заради продлабочување на регионалната соработка меѓу Албанците

„Првиот потпретседател на Владата на * Македонија Изет Меџити оствари средба завчера со министерот за човекови права и малцинства на Црна Гора Фатмир Ѓека и разговараа за продлабочување на регионалната соработка како со Албанците, така и со сите народи во регионот. Оваа средба следува по серијата дипломатски средби, кои првиот вицепремиер ги одржа на оваа тема.“’ – објави весникот на албански јазик „Лајм“ во својата вест со наслов „Изет Меџити се сретна со целото албанско раководство од регионот за кратко време“.



Во својата вест „Лајм“ дополнува: „Меџити се сретна претходно со градоначалничката на општина Прешево Ардита Синани и разговараше за состојбата на Албанците во Србија, како и за продлабочувањето на културната и економската соработка меѓу Албанците од Прешевската котлина и * Македонија. Во овој дух пред неколку дена беа остварени средби со премиерите на Косово Албин Курти и на Албанија Еди Рама.

Инаку, контактот што го остварил Изет Меџити пред три дена со премиерот на Албанија Еди Рама бил по пат на испратена честитка заедно со другиот вицепремиер на владата на Македонија Арбен Фетаи. Испраќајќи му „братска честитка“ на Рама по повод отворањето на преговорите на Албанија со ЕУ, Меџити во честитката го означил овој момент како „историски чекор кон остварувањето на европските стремежи на албанскиот народ“, но искажал и „верба дека двете земји ќе се обединат повторно во овој важен процес“.

Македонскиот вицепремиер Меџити се сретнал со албанскиот премиер Рама во Тирана на 27 август годинава и потоа напишал на фејсбук дека „во братски разговор се дискутирало за продлабочување на соработката меѓу двете влади и двете земји“, укажувајќи и на „силните врски што ги обединуваат како Албанци“.