„Се поголем е бројот на дипломати во Европа и во светот, кои гледаат со симпатија на нашите аргументи, на нашата позиција и на можното решение, што ние го предлагаме. Настапуваме со факти и ги браниме интересите. Прашањето е: каква волја има, да најдеме решение или не? Зошто да не го почитуваме Договорот за добрососедство? Не протоколот, не предлогот, туку Договорот. Во Договорот со Бугарија не стои дека треба да има уставни измени. Е, па тогаш, ајде да го почитуваме, ние тоа бараме, да го почитуваме Договорот. Договор е или не? Ајде да го почитуваме.“ – нагласи премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски во гостувањето на ТВ Сител..
Зборувајќи за деблокирањето на евроинтеграцијата на Македонија, тој нагласи уште еднаш дека е оптимист. Според него, сите аргументи се на наша страна. Мицкоски истакна дека е многу важна пораката, што се испраќа од официјална Софија.
„Проблемот е мултилатерален, или билатерален? Која е пораката? Слушаме збунувачки тонови и изјави од Софија. Се надевам дека ќе имаме појасна слика и оти ќе добиваме конечни пораки, откако ќе се консолидира општеството во Бугарија по изборите. Ние велиме уставните измени да важат тогаш кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на државава во ЕУ. Ајде уште едно ремек дело да направиме.“ – истакна Мицкоски, алудирајќи на Преспанскиот договор кој дипломатите во минатото, како што нагласи, го претставувале како ремек дело.
Тој уште еднаш кажа дека националните интереси ќе бидат одбранети додека тој ја предводи Владата.
„Голем дел од европските и светските дипломати со симпатија гледаат на нашите аргументи и позиции, поврзани со можното решение, што го предлагаме и за кое зборуваме изминатиов период. Конечно на нас, како на држава, се гледа како на партнер, а не како на нешто за поткусурување. Ги вративме кредибилитетот и достоинството на меѓунардната сцена. Можеби е потешко како помала држава да ги браните националните интереси, но се додека јас ја предводам Владата, националните интереси ќе се бранат и ќе се одбранат.“ – подвлече Мицкоски.
Тој порача дека времето ќе покаже дали бил оправдан оптимист. „Очекувам темава во периодот, што следи, да има завршница, за да го одблокираме процесот и да почнеме да преговараме.“ – нагласи премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски во гостувањето на ТВ Сител вечерва.





