Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје укажува на податоците, што ги објави Државниот завод за статистика овој месец, според кои над 120.000 деца во земјава, или 32,8% од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија.
Стапката на детска сиромаштија е зголемена за 28 отсто во 2015 година, на 32,8 отсто во 2021 година, што покажува дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата, апелира УНИЦЕФ.
По повод 17 Октомври – Меѓународниот ден посветен на искоренувањето на сиромаштијата, УНИЦЕФ изразува загриженост за ваквата состојба во земјата, со оглед дека децата се поранливи на последиците од сиромаштијата.
„Детската сиромаштија влијае на сите аспекти на животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата и има висока цена за човечкиот капитал и просперитетот. Имајќи го ова на ум, со усвојувањето на Целите за одржлив развој во 2015 година, земјата се обврза да го намали за најмалку половина процентот на деца кои живеат под прагот на сиромаштија до 2030 година“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ смета дека недоволните инвестиции во социјалната заштита придонеле за континуирана недоволна покриеност на децата во Македонија.






