Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска обвини дека по доаѓањето на новата власт стотици етнички Албанци биле отпуштени од своите работни места во многу државни институции, меѓу кои и од Министерството за односи меѓу заедниците со кое раководи министерот Иван Стоилковиќ, кого го нарекоа „путинист и негирач на независноста на Косово“.
Обвинија за притисоци и закани со откази кон вработените во дел од државните органи.
„Ја намалија застапеноста на Албанците од 30 на 24 проценти во администрацијата. Вработувањето на Албанците е еднакво на нула. Се патуваше во НАТО без ниту еден Албанец. Албанскиот јазик е тргнат од употреба во 100-ина институции, а повторно заживеа иницијативата за укинување на законот за употреба на јазикот. Одземени се работните простории од Агенцијата за албански јазик. Народниот ансамбл и музичкиот театар се дискриминирани како никогаш досега“,велат од ДУИ.
Обвинија дека со последната одлука на Уставниот суд за укинување на „балансерот“ се негира Охридскиот рамковен договор и се поништува етничката припадност со цел да се спречи принципот на правична застапеност и, како што велат, да се отвори пат за поништување на Бадентеровиот принцип. Обвинија и дека Стоилковиќ ги „осакатил“ буџетите за Охридскиот договор и одбележувањето на Денот на азбуката.
Реагираат дека челните позиции на Агенцијата за разузнавање и Фондот за здравствено осигурување по првпат се „изгубени“ оти таму не се назначени претставници на Албанците. Изгубени, како што велат, се и сите раководни позиции во МВР и многу позиции во извршната власт.
„Сите албански економски директори во сите клиники се разрешени и чувството на дискриминација на граѓаните се чувствува уште на вратата на клиниката. Бебето Албанче беше претепано, додека 14-месечното девојче почина поради негрижа во клиниката и никој не презема одговорност“,обвинија од партијата на Али Ахмети.





