Британскиот крал ќе ја започна својата турнеја низ Австралија оваа недела, разгорувајќи ја дебатата за тоа дали земјата треба да ги прекине врските со британската монархија и да стане република.
Чарлс, кому претходно оваа година му беше дијагностициран рак, ќе го одложи лекувањето за деветдневната турнеја, која вклучува и самит на Комонвелтот во островската држава Самоа во Тихиот Океан.
Од 56 земји на Комонвелтот, 14 сè уште го имаат кралот Чарлс за шеф на државата.
Во Австралија, каде Чарлс е шеф на државата, антимонархистичките групи им продаваат сувенири за „проштална турнеја“ на поддржувачите.
Британскиот весник Дејли Мирор објави дека сите премиери на сите австралиски сојузни држави ја одбиле поканата да се сретнат со кралот на прием во главниот град Канбера, но тоа се уште не е потврдено.
Анкетата спроведена од YouGov минатата година покажа дека секој трет Австралиец поддржува трансформација во република што е можно поскоро, додека исто толку сака земјата да остане уставна монархија.
Адам Спенсер, заменик-шефот на Движењето за австралиска република, инсистира дека поддршката за монархијата опаѓа и дека Чарлс „не треба да биде крал на австралиските поданици“.






