На денешен ден во 2007 година во сообраќајна незгода загина македонската и балканската музичка мега-ѕвезда Тоше Проески.
Несреќата се случи на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка, во Хрватска.
Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна.
Но, албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажа уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеа песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул.
Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик.
Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.
Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“- хрватска верзија (2007), а изведуваше и голем број странски хитови.





