Поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ со заедничка литургија за празникот Покров на Пресвета Богородица

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и српскиот патријарх Порфириј на денешниот православен празник Покров на Пресвета Богородица служеа света литургија во манастирот посветен на Мајката Божја во српското село Ѓунис.



По повод празникот, нишкиот владика Арсение рече дека пред две и пол години имало братски разговори за воспоставување на канонско и литургиско единство меѓу СПЦ и Македонската православна црква – Охридска архиепископија токму во Ѓунис.

„И токму тука, во љубов, во братско разбирање, почит и благодарност, беше постигнат тој долгоочекуван договор кој донесе радост и на српскиот и на братскиот македонски народ и ги исполни нашите срца со радост“, рече митрополитот Арсение.

Литургијата во манастирот, кој првично бил машки, а во 1968 година бил претворен во женски, покрај патријархот Порфириј и архиепископот Стефан ја служеа и митрополитите преспанско-пелагониски Петар, дебарско-кичевски Тимотеј, бачки Иринеј и нишки Арсение, како и епископите хераклејски Климент и јенополски Никон.