Дали политиката целосно го потисна здравиот разум во комуникација помеѓу Скопје и Софија?!

Од изгласувањето во октомври 2019 на првата Декларација во бугарското собрание за позицијата (т.е.условите) на Бугарија за пристапувањето на Македонија во Европската Унија, па до сè уште актуелниот француски предлог , во кој е вграден нестандарден услов (според Копенхашките критериуми) за внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав за да започнат преговорите со ЕУ…, доминира впечатокот во македонската јавност за провоцирачкиот тон на бугарската политика, секогаш подготвена да го негира македонскиот национален идентитет со сите негови атрибути. Во така создадениот амбиент во македонско-бугарските односи, како шепот во бура звучат повремените реакции на неколкумина бугарски интелектуалци, кои здраворазумски и критички ги оценуваат барањата и уцените на официјална Софија во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, за уставни измени.



Неодамна, во интервју за македонскиот весник „Слободен печат“, бугарскиот академик, Димитар Атанасов, јавно искажа дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав е срамно и нема да ги разреши постарите, но и новосоздадените проблеми во македонско-бугарските односи на сите нивоа.

„Не еднаш сум рекол дека тоа е едно многу срамно барање. Внесувањето на Бугарите во Уставот и гарантирањето на малцински статус нема да има апсолутно никаков ефект. Според меѓународното право за малцинствата, тоа е група која има дистинктивни различни елементи од тие на мнозинството. Тоа се приказните за минатото, народните традиции, јазикот итн. Но во бугарско-македонскиот случај дел од тие услови не се исполнети… Доколку разликите меѓу Бугарите и Македонците не се големи, тоа не значи дека ние не сме два народа, не значи дека немаме различни јазици, туку само дека се мали тие разлики и тешко може да утврдат бугарско малцинство во Македонија. Давањето малцински статус за жал е во корист на бизнис интересите на бугарските националисти кои до денес ја злоупотребуваат каузата за Македонија. Тие луѓе политички се исклучително периферни, на последните избори беа под 1 процент и веќе никој не ги сфаќа сериозно. Но продолжуваат да имаат влијание во Македонија. Нивните луѓе на терен продолжуваат да работат. Во моментот кога на Бугарите ќе им се признае статус на малцинство, тоа гарантира присуство во институциите, влез во локалната власт. Тие луѓе, Бугари кои сакаат да продолжат да прават бизниси користејќи го двостраниот конфликт како основен инструмент се стремат кон тоа, да влезат на пример во општинските совети и иако знаат дека нема да бидат мнозинство на „корупциски дилери“ ќе им вршат голема работа. Би можеле да бидат посредници на определени влијанија – трговци со влијание. Од тој аспект, не помагаме на бугарско-македонскиот спор, туку помагаме на бугарската мафија и на македонските коруптивни соработници. За жал, внесувањето на Бугарите во Уставот ќе доведе до тоа“, вели во дел од интервјуто“, академик Димитар Атанасов.

Тој смета и дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав нема да биде последниот услов на Бугарија во евроинтеграциите на Македонија, со оглед на тоа „колку пати бугарскиот претседател ја смени својата позиција и колку пати беа поставувани нови услови, не би им верувал“.

Парадоксално, но колку повеќе се настојуваше да се најде решение (од повеќе европски земји што претседаваа со ЕУ) за проблемот што ѝ го наметна Бугарија на Македонија на патот кон ЕУ, толку повеќе работите се заплеткуваа во апсурд, кој  македонските евроинтеграции ги исфрли од колосекот на Копенхашките критериуми. По декларацијата на бугарското собрание од 2019 година, официјална Софија во 2020 година испрати објаснувачки меморандум до сите земји членки на ЕУ, во кое наведе дузина барања и услови за Македонија за започнување на преговори. Навистина, тогаш група бугарски интелектуалци реагираа на овој потег на официјалната бугарска политика, кои упатија заедничко писмо, во кое како потписници истакнаа дека „меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа“. Според бугарските научници кои го потпишале писмото-петиција, тврдењата за датумот на раѓање на една нација и на јазик се научно неодбранливи и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто.

„Тврдењето за заедничка историја до 1944 година, недвосмислено толкувано како бугарско, е неубедливо“, пишуваа уште во 2020 година бугарските научници, вклучително и историчарите Стефан Дечев, Чавдар Маринов, Александар Везенков, политиколозите Димитар Бечев, Дејан Кјуанов, Ружа Смилова, културолозите Александар Кјосенова и Албена Хора, економистот Красен Станчев

Целата анализа прочитајте ја тука.