Ракометарите на Вардар потсетија на славните денови кога два пати ја освојуваа Лигата на шампионите, совладувајќи го исландски Валур со 33:26 во Скопје на стартот од групната фаза во Европската лига на ЕХФ.
Македонскиот вицепрвак посебно убедлив беше во првото полувреме, кое го доби со 19:11 и уште тогаш најави дека на 15 октомври од 18:45 часот со два бода ќе излезе на мегдан кај германскиот бундеслигаш Мелсунген, кој славеше во Порто со 29:24.
За првата европска радост на „црвено-црните“ по две години најзаслужни се Вуко Борозан и Марко Срдановиќ со по 6 гола, а голманот Еспиња запиша 15 одбрани.
Победата ќе беше уште повисока ако на голот на гостите од Рејкјавик не беше Бјергвин Густавсон, кој забележа 18 успешни интервенции.






