Над 20 илјади лица кои завршиле факултет во последните неколку години или околу 40 проценти од високообразовниот и стручен кадар во Македонија ја напуштил земјата последната деценија. Според податоците, државата е меѓу првите 20 земји во светот со најголем одлив на кадар, а се наоѓа на 5 место во рамки на Европската унија. Според извештајот на ревизија , од 2013 до 2021-та, секоја година од земјава си оделе по 2.500 високообразовни кадри. Ваквото иселување државата ја чини 81 милион евра годишно или вкупно над 725 милиони евра.
„Немаме стратегија. Немаме база на податоци, не знаеме кој отишол, кој се вратил, не знаеме кој каде се наоѓа. Немаме адресирање на приоритетни цели што сакаме ние да продуцираме како кадар во нашето општество. Финансираме се и сешто. Знаете колку значи на еден наш граѓанин кога ќе отидете во било која јавна институција да побара една услуга. Еве утрово, една од моите вработени ме пречека „директоре, ако може да ми помогнете.“ Се обратив на една клиника, нема место на терет на фондот, ама има место ако си платам. Ќе ве молам. До тоа дереџе ли дојде нашата држава?“ – Максим Ацевски, главен државен ревизор
Извештајот проценува дека вкупниот негативен ефект од загубените потенцијални приходи во државата е околу 8,34 проценти од БДП годишно, кога ќе се земе предвид и загубената инвестиција во образованието.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги потврди разочарувачките податоци, ги оцени бројките како поразителни и најави ревидирање на квотите за упис на факултет врз основа на реална анализа на состојбите во државата.
„На пример, во државата на медицинските факултети годишно се запишуваат 700 студенти, а на земјата веројатно не и се потребни ни 200 нови затоа што секоја седма година очекуваме 60% од нив да завршат и да се вработат, да отидат на специјализација. Но, не се случува тоа затоа што без план се работи, туку тие паралелно учат германски јазик и купуваат карта во еден правец“ – Весна Јаневска, министерка за образование

https://sitel.com.mk/makedonija-e-na-petto-mesto-vo-evropa-po-iseluvanjeto-na-visokoobrazoven-kadar





