Договорот за унгарскиот заем во висина од половина милијарда евра од кои дел ќе бидат наменети за бизнис секторот, а дел за реализација на проекти на општините, се очекува денеска да биде потпишан во Будимпешта.
Кредитот ќе биде со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Законот за унгарскиот кредит, што го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава.
Намерата на Владата, како што неодамна изјави премиерот Мицкоски, е парите наменети за македонското стопанство да бидат пласирани преку домашните банки под истите услови под кои е земен заемот, а доколку тоа не се случи, тогаш ќе се бараат други начини за да му се стават на располагање овие средства на бизнис секторот.
Дел од заемот е наменет за развој на општините, односно за реализација на проекти од интерес на граѓаните. На јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа пристигнати се 357 апликации од 80 општини.






