Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повтори дека Македонија е недвосмислено определена да продолжи по евроинтеграцискиот пат. Според него, издвојувањето на Албанија не значи и нејзино брзо членство во Унијата, а со ваквите потези ЕУ во континуитет покажува неправедност кон Македонија. Стравувањата дека ќе станеме заробена држава, рече Мицкоски, се беспредметни и дело на внатрешна дневно-политичка динамика.
„Со издвојувањето на Албанија од Македонија во пристапувањетo е направена лоша услуга на сите скептици и сите сили, кои не веруваат во ЕУ. Но, ние веруваме во ЕУ. Членството на Македонија во ЕУ е наш стратегиски приоритет. Членството во ЕУ е кохезивен фактор вдолж сите линии на општеството, од етнички, до политички. Недвосмислено сме определени да продолжиме по тој пат. Но, ЕУ во континуитет со вакви потези покажува неправедност кон нас. Иако движењето на Албанија и издвојувањето не значи и нејзино брзо членство во Унијата, нам тоа не ни е прв пат. Бевме во иста група со Бугарија и Романија, потоа со Хрватска, па со Србија и Црна Гора, а на крај и со Албанија. Јас сум убеден дека ќе се сретнеме пак на тој пат. Тоа им е јасно на сите кои ги знаат процесот на проширување и состојбите во ЕУ. Но, сепак, не смееме да дозволиме скептиците да победат и земјата да остане заглавена во геополитичка бесперспективност. Мора членството во Унијата да е живо, процесот да е жив и ние ќе нудиме предлози и решенија за надминување на оваа статус-кво ситуација. Истовремено ќе работиме посветено на реформите за членство во Унијата и ќе ја менуваме лошата реалност. Тоа е за наше добро и ние сме свесни за тоа.“ – нагласи Мицкоски во обраќањето на 33. годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Охрид.
Тој најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение, кое ќе биде достоинствено и согласно со националните интереси.
„Диктати, да биде јасно, не прифаќам. За овој процес е потребно и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ. Ние планираме да ја вклучиме и опозицијата во процесите, кога ќе дојде време за тоа. Нема да ветуваме работи кои се неостварливи, но и нема да пропуштиме да ја консултираме опозицијата и да побараме поддршка за нашите напори. Сепак, целите ни се заеднички и немаме дилема околу тоа. Веќе следната недела ќе испратам писмо до сите инволвирани во кое и на таков начин ќе ја обзнанам и потврдам мојата недвомислена волја за дијалог, реформи и изнаоѓање решение. Јас сум на располагање за идеи и дијалог и тоа сите скептици треба да го знаат. Темите како изолација се повеќе стравови и психолошки товар за скептиците од најразлична провиниенција. Ќе продолжиме напред, се допаѓало тоа некому или не“ – подвлече Мицкоски.
Напомена и дека нему лично, како што кажа, власт не му треба по секоја цена.
„Тоа сум го кажал од првиот момент кога станав претседател на најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ која помина исклучително тешки, би рекол, ненормални предизвици и борби, за да дојде до оваа огромна поддршка, која ја има денес. Власт не ми треба. Сакам да променам нешто, сакам да подобрам. Тоа е мојата надеж и мојот идеал, за кој зборувам од почетокот на овој говор.“ – истакна премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.






