Најмалку 24 лица загинаа, а 93 други се повредени утрово во израелски воздушни напади кои погодија џамија и училиште во кое се сместени раселените лица во Појасот Газа, јави Ројтерс.



Според Канцеларијата за медиуми на владата во Газа предводена од Хамас нападите се случиле во близина на болницата Ал Акса во Деир ал Балах, во центарот на Газа.

Израелската војска ги потврди и соопшти дека тоа биле „прецизни напади против терористите на Хамас“ кои дејствувале од командните и контролните центри лоцирани во училиштето Ибн Рушд и џамијата Шухада ал-Акса во областа Деир.

Денешните напади се дел од тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас, кој се наближува на првата годишнина. Конфликтот беше предизвикан на 7 октомври 2023 година, кога Хамас ги нападна јужните делови на Израел, убивајќи 1.200 луѓе и грабна околу 250 заложници.

Речиси 42.000 Палестинци загинале од почетокот на израелската воена офанзива во Газа, според здравствените власти во Газа.

Конфликтот го расели речиси целото население на енклавата од 2,3 милиони, поттикна криза со храна и доведе до обвинувања за геноцид, што Израел ги негира.